X
 27.09.2016 Наука

Елон Маск денес планира да ја открие својата голема визија

Опстанокот на човештвото ќе зависи од тоа дали конечно ќе го колонизираме Марс, смета американскиот  технолошки милијардер и шеф на фирмата SpaceX, Елон Маск.

Елон Маск

Шефот на фирмата SpaceX, Елон Маск, денес планира пред  медиумите да ја открие својата голема визија – како од планетата Марс да направи таканаречен „backup drive“  за спас на човештвото. Намерата на Маск е ова да го направи на 67 Меѓународен конгрес на астронаутика во мексиканскиот град Гвадалахара.


Во пресрет на планираното излагање, тој вчера на својот твитер профил ја објави првата фотографија од тестирањето на моќниот ракетен мотор од новата генерација наречен Раптор,  кој ќе биде дел од неговиот „Меѓупланетарен транспортен систем“  и средство со кое човекот би летал кон Црвената планета.

Со оглед на претходните најави на Маск, гориво за новиот Раптор-мотор  најверојатно ќе биде мешавина од метан и течен килород.

Постојат две причини зошто SpaceX се одлучија токму за метан, а не за класичниот RP-1 керозин. Првата е дека метанот е значително поевтин,  а втората е веројатноста дека метанот го има и на Марс, па и оттаму ќе може да се собира како ракетно гориво.

„Производната цел на Раптор е специфичниот импулс  од 382 секунди и потисок со величина од 310 тони при притисок од 300 бари“, напиша Маск на својот твитер профил.  Разликата меѓу моторот Раптор и моторот Мерлин кој се користи за превоз на товар до Меѓународната вселенска станица  лежи во тоа што Раптор во комората за согорување  на гориво има трипати поголем притисок, објаснува Маск.
Тоа значи дека Раптор е трипати помоќен мотор од Мерлин.

Намерата на Маск што ја соопшти уште во 2015 година е да се пренесат 100 луѓе и 100 тони материјал  и опрема на Црвената планета.

SpaceX  во живо  ќе ја пренесува изјавата на Маск денес во 20:30 часот по средноевропско време.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука