X
 10.11.2016 Култура

Најавен балетскиот спектакл „Клеопатра“ на МОБ, кореографот Василиј Медведев: Ве поздравувам што во вакво сложено време правиме грандиозен проект

Раководството на МОБ и тимот кој го подготвува балетот денеска ја најавија праизведбата на балетот на 17 ноември, а во него учествуваат 400 вработени и дополнително ангажирани хонорарци, а 150 од нив ќе настапат на сцената. За претставата е напишана нова музика, познатиот Русин Василиј Медведев направи сосема нова кореографија, сошиени се 400 нови костими



Иако е најавен како најголемиот музичко-сценски спектакл кој не се случил во историјата на Македонската опера и балет, институција која постои седум децении, балетот „Клеопатра“ нема чини многу повеќе од другите претстави кои се играат на сцената на оваа куќа. Раководството на МОБ и тимот кој го подготвува балетот денеска ја најавија праизведбата на балетот на 17 ноември, а во него учествуваат 400 вработени и дополнително ангажирани хонорарци, а 150 од нив ќе настапат на сцената. За претставата е напишана нова музика, познатиот Русин Василиј Медведев направи сосема нова кореографија, сошиени се 400 нови костими. Примабалерината Александра Мијалкова која ќе ја толкува главната улога со претставата со која ќе одбележи 25 години од почетокот на нејзината кариера, вели дека ова е круна на нејзината кариера.

- Проектот не чини многу повеќе од другите кои ги подготвуваме. Се потрудивме да ангажиранме повеќе сили кај нашите вработени, ангажиравме и хонорарци. Ова е проект како сите останати. Спектакл е затоа што се пишува посебно музика за него, значи е нешто поинакво. Не е многу повеќе од остананите проекти досега. Ако споредиме со премиерата на операта „Евгениј Онегин“, овој проект чини 20 до 30 отсто повеќе - рече директорот на операта Игор Дурловски.
За балетот е ангажиран тим кој е докажан во Европа - покрај кореографот Медведев вклучена е композиторката Нерија Голдберг од Литванија, сцената и костимите се на Павол Јураш од Словачка, а асистент-кореограф е Станислав Фечо од Чешка. Либретото е на Јана Темиз од Турција. Улогите ги толкуваат: Александра Мијалкова (Клеопатра), Васил Чичијашвили (Цезар), Бобан Ковачевски (Марк Антони), Марија Кичевска-Шокаровска (Октавија), Мими Поп Алексова-Атанасовска (Змија), Киро Павлов (Октавијан).


Кореографот Медведев рече дека уште пред две години, кога ја работеше претставата „Дамата со камелии“ со Александра Мијалкова разговарале што би сакала да подготви за нејзиниот јубилеј.



- Благодарам шна раководството и на примабалерината Мијалкова која ме покани да работам на овој проект. Го поздравувам раководоството на театарот што во вакво сложено време ме покани да правиме ваков грандиозен проект. Музиката е специјално пишувана за овој проект, Павел Јураш направи 400 костими, на сцена во исто време ќе има околу 150 луѓе. Повелете на премерата - вели Медведев.

Примабалерината Мијалкова рече:
- После долго размислување околу изборот на јубилејната претстава одлучив дека идејата за Клеопатра на кореографот Медведев е прифатлива, бидејќи главната хероина, последната царица на Египет со нејзината убавина, женственост, мистериозност за мене како балетски уметник е инспиративна, инвентивната кореографија која што е во неокласичен стил, стилски обликувана, изразена преку пластични движења, ми овозможува да ја истакнам мојата индивидуалност, креативност и танцов сензибилитет - рече таа.

На прашањето на што ќе се посвети во иднина, таа одговори:
- Кога ќе престанам да играм, ќе продолжам да предавам на Балетската катедра при Музичката академија, по предметот историски танци, а можеби ќе работи со помладите како репетитор.



Дурловски рече дека претставите за 17 и 19 ноември се веќе распродадени. За третата изведба на 23 ноември слободни се седиштата во половина сала, а претстава ќе има и во декември.

Нериа Голдберг која ја направи музиката рече дека се обидела да направи модерна музика.
- Мислам дека успеав, се надевам дека публиката ќе ужива и во музиката и во кореографијата. Кога се прави вакво дело треба многу да се внимава. Публиката треба повторно да се враќа и да се враќа, ова е претстава која треба долго да се игра - рече Голдберг.
Подготвил: В.Ф

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура