X
 21.07.2017 Култура

Како Одри Хепберн го промени поимот за женственост

Иконата на стилот на модерната доба, Одри Хепберн, била повеќе од актерка и моден арбитер. Била стројна, со половина од неверојатни 50 сантиметри и секогаш елегантна во креациите на својот омилен дизајнер, Живанши... вистинско олицетворение на идеалот за женственоста. Поседувала неодолив шарм, добрина, големо срце, а пред сè ретка дамска отменост и префинетост, со што се издигнувала над холивудското секојдневие полно со скандали и сензации.

Големо значење им давала на семејството и семејниот живот. Веројатно зашто многу рано останала без татко. Била посветена на своите деца, а се грижела и за сите други низ светот, кои неуморно ги посетувала како амбасадорка на УНИЦЕФ.

Родена е во 1929 година во Брисел, и на петгодишна возраст родителите ја пратиле во интернат во Англија, каде што почнала да учи балет. По избувнувањето на Втората светска војна, нејзините родители се развеле, а таа заминала со мајка си во Холандија, надевајќи се дека таму ќе биде побезбедно.

Продолжила да учи балет и во мрачните години за време на војната, па поради сиромаштијата што владеела, имала проблеми со неисхранетост, што се одразило и врз физичката сила. Оттогаш имала траен проблем со нарушена исхрана, со што се борела целиот свој живот, растргната помеѓу желбата да се најаде, осетливиот желудник и императивот за стројна става.

Токму фигурата на нејзиното тело ѝ ја одредила иднината. Професорката каде што учела балет во Лондон сметала дека никогаш нема да стане примабалерина бидејќи била превисока, 170 сантиметри, и тешка 50 килограми. Жената која целиот свет ја сметал за олицетворение на женственоста и елеганцијата се сметала себеси за предебела и грда.

Иако нејзините соништа за балетска кариера завршиле, таа сепак се нашла на сцена, во мјузиклот „Монте Карло бејби“, а потоа и пред филмските камери. Француската писателка Колет во неа препознала исклучителна актерка за хероината од својот роман, Жижи.

Кариерата во Холивуд

Набрзо била забележана од славни холивудски продуценти и така почнала нејзината филмска кариера, благодарение на што ја стекнала својата популарност. „Празник во Рим“ ѝ донел трајно пријателство со Грегори Пек, поради што се „шушкало“ дека се во љубовна врска. Била свршеница на Британецот Џејми Хенсон, нарачала венчаница од италијанските креаторки, сестрите Фонтана, но венчавката се откажала во последен момент и венчаницата ѝ ја подарила на најсиромашната невеста на која наишла.

Подоцна се запознала со актерот и режисер Мел Ферер, кој ја освоил со своето упорно додворување и ја наговорил да ја прифати улогата на нимфа во претставата „Ондина“, за која во 1954 година ја добила наградата „Тони“.

Извесно време потоа се омажила за Ферер, кој бил 12 години повозрасен од неа и кој имал два брака зад себе. После неуспешни бремености, го родила синот Шон, а Ферер повеќе ѝ правел сопки во кариерата отколку што ѝ давал љубов и поддршка. Контролирајќи ја во кариерата, сакал да ѝ докаже дека знае повеќе за глумата и филмот од неа.

Од тие причини, филмот „Појадок кај Тифани“ бил снимен во многу непријатни околности и на општо незадоволство на сите присутни на сетот. Наспроти сето тоа, овој филм ја потврди како икона на стилот, бидејќи токму во улогата на Холи, Одри го дефинираше својот препознатлив изглед со помош на Живанши. Филмот ги промовира и очилата за сонце „реј бан вејферер“, шалот околу вратот кој паѓа врз грбот, чевли со „мачкина“ пета, класичниот беж балонер, но и најважното – малиот класичен црн фустан во комбинација со бели бисери и крупен накит.

Двојката конечно се развела во 1968 година, а Одри била во депресивна состојба и се обидела да си ги пресече вените. Не е ни чудо што после тоа се впуштила во нешто повеќе од флерт со Алберт Фини, партнерот од филмот „Two for the road“, а по година дена повторно стапила во брак со италијанскиот психијатар Андреа Доти, со кого го добиле синот Лука. Доти го привлекувале помлади жени, па и нивниот брак бил окончан кога таа увидела дека синовите ѝ се доволно пораснати за да можат да живеат без татко.

Најсреќните години од својот живот ги поминала со актерот Роберт Волдерс со кого живеела сè до својата смрт во 1993 година, откако ѝ бил дијагностициран редок вид рак на цревата. Нејзиниот постар пријател Грегори Пек се простил од неа читајќи ги стиховите од „Бесмртна љубов“ на Тагоре на нејзиниот погреб.

За Одри Хепберн е снимен биографски филм, „The Audrey Hepburn story“, кој сведочи за многу детали од нејзиниот живот, а таа ќе остане запаметена како жена со ведар, отмен и префинет дух.

Одри Хепберн како архетип на современата жена

Доколку постои женски културен манифест, тогаш со право можеме да кажеме дека таа е негов основач, Одри – олицетворението на женственоста.

Но, речиси секоја идеологија е меч со две острици. Па така, со некои свои постапки Одри деструктивно влијаела врз женскиот пол. Младите девојки и денес се изгладнуваат. Анорексијата и булимијата како болести на модерното време настанале аналошки, по пат на праидоли.

Самата Одри, покрај воените околности што биле зад неа, се подложувала на ригорозни диети, па со своите 50 килограми била неспособна за балет, поради што чувствувала помала вредност и се откажала. Токму овие детали зборуваат за денешното поместување на системот на вредности. Голем број млади девојки, следејќи го својот модел на угледување, завршуваат трагично во екот на нивната младост.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура