X
 21.11.2016 Живот

Дали родителите им се другари на своите деца?


Детска игра

Се пласнав на подот во дневната соба, со играчките на децата расфрлани околу мене. Преполната корпа нераспределени алишта за перење почна да се прелева, но јас не можев да се помрднам.

Не ми се мрдаше, бидејќи бев изморена од осумчасовното работно време, но моите ќерки близначки во тој момент беа пресреќни што сум дома. Ме чекаа да си играме или да им ја читам омилената книга. И мене ми се играше, но бев исцрпена.

Нивната невиност ми се вовлече во срцето и се насолзив, бидејќи искористив прилика да ја средам облеката додека се тркалав на подот со моите петнаесетмесечни близначки. Всушност, ова е делумна вистина. Повеќе сакав да се мазам со моите ќерки и да го слушам нивниот џагор.

Обидот да си играм со ќерките или со 10-годишниот син ми претставува тешкотија. И признавам – се срамам од тоа. Зарем не би требало добрите родители да си играат со своите деца? Зарем добрите родители не треба да ги пуштат своите деца да трчаат на дождот, а тие да ги придружуваат? Да им дозволат да пробаат нечистотија, како начин на запознавање со природата? Да собираат црви? Да носат смешни костуми и да се преправаат? Самата помисла ме засмејува.

Често како рефрен во главата ми одѕвонува прашањето: „Што не е во ред со мене?“ Зошто не можам да се вклучам во игрите што ги радуваат моите деца? Проблемот е што одвреме-навреме се присилувам да го правам тоа.

Но, одамна сум го изгубила контактот со детето во мене. Сè уште ми се живи сеќавањата од моето детство: прпелкањето во дворот, бркањето на камиончето со сладолед, трчањето до дома за ручек и брзото враќање на играта надвор, попречувањето на вечерата на моите другарчиња, бидејќи играта не завршила. Да, бев во допир со детето во мене... кога бев дете.

Како родител, 30 години подоцна, посакувам моите деца безмалку исто да уживаат во детството како  мене, да ја наследат мојата детска љубов за животот. Но, не се сеќавам дека имав други другари, освен моите врсници. Немаше родители. Немаше тетки или вујковци. Немаше возрасни.

Се чини дека единствениот начин да им овозможам реалност исполнета со вчудовиденост, стравопочит и слобода е јас да играм со нив. Да се спуштам на „сите четири“ и да палавееме заедно. Тоа би значело да ги баталам садовите, алиштата, чистењето, бидејќи од нив секако нема бегање. А, моите деца само еднаш ќе бидат на таа возраст и тоа многу брзо ќе помине. Ако продолжам да ги оттурнувам и да го избегнувам нивниот повик за игра, ако не им ги пеам омилените песни, и постојано им велам „подоцна“ кое никогаш нема да стигне, тие ќе престанат да сметаат на мене.

Оваа мајчинска грижа уште поинтензивно ме следи откако го пропуштив тој период во растот на мојот син. Тој постојано сакаше да играме, а јас на свој начин ги поддржував неговите активности. Кога сакаше да скока, очите не ги тргав од него. Кога сакаше да се качува по дрва, го дочекував на раце. Кога посака да плива во кадата, го заигрував со играчки. Но, самата никогаш не бев негова играчка. Тој ми беше прво дете и прв обид да сфатам како функционира родителството.

Според тоа, денес, многу години подоцна, би требало полесно да разберам што значи да се биде добар родител. И не затоа што можам да седнам на подот и да си играм со децата или да го читаме „Хари Потер“ бидејќи мојот син го обожува, туку дека препознавам како да созреам и да бидам подобра за нив.   

Колумна на Никја Харгроув во Вашингтон Пост.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот