X
 16.01.2024 Наука

Астрономи случајно открија галаксија без ѕвезди

Американската опсерваторија „Грин бенк“, која управува со телескопот „Роберт Ц. Бирд Грин Бенк“, е лоцирана во зона без радиобранови во Западна Вирџинија. Астрономите во опсерваторијата случајно снимиле вселенски објект кој досега не бил забележан. Станува збор за темна галаксија без ѕвезди.

Најтемната галаксија досега

Астрономите анализирале податоци кога внеле погрешни координати во системот и на нивно изненадување добиле неочекувано силен сигнал. Излезе дека токму таму, во регион на небото кој досега не се сметал за интересен, на оддалеченост од околу 270 милиони светлосни години од Земјата, има големо вселенско тело.

Анализата покажа дека се работи за облак од водород, веројатно протогалаксија, во која можеби сè уште не се формирале првите ѕвезди.

- Она што го знаеме е дека тоа е галаксија неверојатно богата со гас. Таа не покажува формирање на ѕвезди како што би очекувале, веројатно затоа што гасот е премногу дисперзиран. Во исто време, тој е премногу далеку од другите галаксии за да помогне во формирање ѕвезда - вели Керен Онил, која работи во опсерваторијата.

Засега, астрономите имаат повеќе прашања отколку одговори за оваа празна галаксија. Тие се надеваат дека ќе дознаат повеќе за неа од набљудувањата во иднина.

Не се исклучува постоењето на ѕвезди во галаксијата бидејќи тие може да се премногу слаби за да се видат.

Извор: Bug
Насловна фотографија: Green bank observatory
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука