X
 16.02.2019 Наука

Чувајте си ги бабите - ќе имате многу придобивки ако се блиску до вас

Китовите убијци и хомо сапиенсот се меѓу ретките организми чии женки живеат долго време по репродукцијата. Бидејќи еволуцијата се сведува на опстанок и репродукција, феноменот бара објаснување - зошто да се живее долго време по репродукцијата?

Во 60-тите години истражувачите излегле со „баба-хипотеза“ за да ја објаснат човечката страна на нештата. Хипотезата вели дека помошта од бабите на мајките им овозможува да имаат повеќе деца. Значи, жените што живеат подолг живот имаат внуци кои ги носат нивните гени за долговечност (за жал, дедовците не се вклучени тука).

Две истражувања објавени во списанието „Тековна биологија“ уште еднаш ја разгледале оваа хипотеза и дале нови сознанија за улогата на бабите.

Првиот силен доказ за хипотезата е откриен од Кристен Хоукс, антрополог од Универзитетот во Јута, кој го проучувал народот Хаџа, група ловци-собирачи што живеат во северна Танзанија. Хоукс била изненадена од тоа колку продуктивни биле старите жени при наоѓањето храна, така што таа подоцна документирала како нивната помош им овозможила на мајките да имаат повеќе деца.

Ако нашиот долг постпродуктивен живот еволуирал поради бабите, тогаш треба да можеме да најдеме отпечатоци од бенефициите од бабите и во други култури. Но, околностите на современиот живот драстично се разликуваат од оние со кои сме се соочиле на почетокот на нашата еволутивна приказна.

Истражувањето се насочува кон детална евиденција на две прединдустриски популации, едната во денешен Квебек, а другата во Финска. Истражувачите ги анализирале овие богати бази на податоци за да го измерат поттикот што го даваат бабите и да ни помогнат подобро да ги разбереме границите на нивната помош.

Во 1608 година француското католичко свештенство во денешно Квебек почнало да го евидентира секое раѓање, секоја смрт и брак во парохиите. Како што доселениците продолжиле да пристигнуваат, да се множат и да ја исполнуваат долината Св. Лоренс, евиденцијата на парохијата се зголемувала.

Населението било претежно француско. Повеќето биле земјоделци и биле прилично мобилни. Оваа хомогеност на истражувачите им помогнала да го изолираат ефектот на бабите и да видат дали е важно колку блиску, географски, една ќерка била до својата мајка.

Хокс објаснува дека овој пристап додава нијанса на претходните истражувања за хипотезата на бабата кои не ја мереле близината директно. - На крајот на краиштата, ако сте во Квебек, а вашата баба е во Кливленд, таа нема да ви биде од голема помош - вели таа.

Саша Енгелхардт, постдокторски истражувач на Универзитетот во Берн, кој спроведе истражување за оваа студија, анализирал групи на сестри во кои некои го напуштиле домот, а други останале. Ако блискоста на бабата помага, тогаш оние што останале дома би требало да имаат повеќе деца отколку нивните сестри што заминале од дома.

Излезе дека останувањето во близина на бабата придонесува за зголемување на семејството. Жените што живееле на 300 километри оддалеченост од нивните мајки имале 1,75 помалку деца отколку нивните сестри што живееле во иста парохија како и нивните мајки.

- Жените во тоа време имале многу деца, во просек осум - вели Енгелхарт. Но, времињата биле многу тешки и околу половина од децата умирале пред да наполнат 15 години. Таквите тешки услови довеле до низа репродуктивни успеси; бројот на внуци по баба во оваа база на податоци се движел од 1 до 195.

Географската близина до бабата ја намалувала и смртноста кај децата и им дозволувала на мајките да имаат деца на помлада возраст. Овие резултати докажуваат дека хипотезата за бабата е точна.

- Овие резултати се навистина интересни. Ни даваат појасна слика за ефектот на бабите - велат научниците.

Но, ако бабите се толку корисни, тогаш зошто не живеат подолго - доволно долго за да им помогнат на своите правнуци да пораснат и да имаат свои деца?

За да се одговори на ова прашање, треба да размислите за тоа не само колку помош бабата може да понуди, туку и дека се менуваат времињата. Ако способностите на бабата се влошуваат со текот на возраста и ако нема толку внуци на кои би можела да им помогне, тогаш би можеле да исчезнат еволутивните придобивки од нејзиниот подолг живот.

Уште едно истражување, спроведено од докторанд на Универзитетот „Турку“ во Финска, ја разгледало базата на податоци за прединдустриските Финци за да одговори на ова прашање.

Тој открил дека и во Финска присуството на бабата го зголемило бројот на потомци на нејзината ќерка.

Истражувачите велат дека овие резултати помагаат да се објасни зошто животниот век на човекот бил продолжен и по репродуктивноста. Бабите може да помогнат кога нивните внуци растат и кога таа е во нејзините 50-ти, 60-ти и рани 70-ти години. Како што покажуваат двете истражувања, бабите може да направат голема разлика во овие години, а репродуктивниот поттик им помага да се зголеми животниот век на човекот. Но, бидејќи внуците стануваат постари, помошта на бабата го нема истото влијание, а еволутивната вредност на живеењето се намалува.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука