X
 16.02.2022 Наша тема

Наставничката плата да е 45.000 денари, бараат од СОНК

Ако се има предвид дека минималната плата во државата е 18.000 денари, број кој се множи со коефициентот за сложеност на работно место, кој за позицијата наставник во основно образование изнесува 2,503, тогаш излегува дека платата на наставник треба да изнесува 45.054 денари

Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) долго време бара да се усогласат платите во образование по колективен договор со минималната плата на национално ниво. Ова прашање повторно стана актуелно по новата одлука на надлежните согласно која минималната плата во државата ќе изнесува 18.000 денари.

Јаким Неделков, првиот човек на СОНК, најави штрајк ако не најде заедничко решение со одговорните во Министерството за образование и наука (МОН).

- Имаме текст од колективен договор подготвен од работни групи на МОН и на СОНК. Тоа што ние го бараме во однос на усогласувањето со минималната плата од 18.000 со колективните договори, тоа ќе биде вградено и во колективните договори, каде што основица за пресметка на плата ќе биде минималната плата на национално ниво. Со оглед на тоа што минималната плата ќе биде 18.000 денари, тогаш основицата ќе биде 18.000 денари. која ќе се множи со соодветниот коефициент на сложеност на работно место. На овој начин ќе се избегне урамниловката што неколку години наназад е сѐ поголема и поголема – лица со различни работни места и со различна сложеност на работа земаат иста плата - појаснува Неделков.


Јаким Неделков

Неделков вели дека ваквиот модел на пресметка на плата веќе се применува во културата, а се надева дека ќе најде примена и во образованието и во дејноста на детската заштита.

- Вработените во дејностите образование и детска заштита заслужуваат повисоки плати и мора да ги добијат. Деновиве ќе се сретнеме со министерот и ќе видиме што ќе биде одлучено. Покачување на платите ќе има, а покачената плата ќе ја добиваат од април. Ако не најдеме заедничко решение, ќе штрајкуваме. Согласно Законот за плати и колективниот договор, платите треба да бидат многу повисоки - дециден е Неделков.

Ако се има предвид дека минималната плата во државата е 18.000 денари, број кој се множи со коефициентот за сложеност на работно место, кој за позицијата наставник во основно образование изнесува 2,503, тогаш излегува дека платата на наставник треба да изнесува 45.054 денари. За професор во средно образование, овој коефициент е 2,533, што значи дека платата на професор во средно треба да биде 45.594 денари. За работно место хигиеничар, коефициентот е 1,3, што значи дека хигиеничар во училиште би земал плата од 23.400 денари.

Од пред неколку месеци одлучено е да има зголемување на платите во образованието за 7 отсто. Но, вчера со реакција излезе Независниот синдикат за образование, од каде што велат дека се загрижени за социо-економската положба на вработените во секторот образование.

- Сметаме дека најавеното покачување од 7 отсто не е соодветно со растот на трошоците за живот и како резултат на тоа, постои незадоволство кај вработените во секторот образование, особено поради настанатата голема разлика помеѓу најниската плата за најнизок степен на сложеност која изнесува 10.000 денари и минималната плата на државно ниво која изнесува 18.000 денари. Бараме усогласување на колективните договори и најниската плата за најнизок степен на сложеност со минималната плата на државно ниво. Ако не наидеме на разбирање, ќе почнеме синдикални активности со цел да ги искажеме загриженоста и незадоволството за состојбата на нашите работнички права - велат од синдикатот.
Подготвил: Антонија Поповска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема