Мозокот може да остане свесен дури и по часови од прогласувањето на пациентот за мртов од страна на лекарите, покажуваат податоците претставени на научна конференција во американската држава Аризона.
По проучувањето на блиски искуства со смртта на оние што закрепнале по застој на срцето, еден од учесниците на конференцијата повикал на повторна процена на „враќањето од клиничка смрт“, посочувајќи дека лекарите треба подолго време да продолжат со обидите за реанимација на пациентите. Исто така, учесникот истакнал дека болниците треба повторно да ги проценат своите напори за време на реанимација и моментот кога започнуваат со земање органи за донација.
Се наведува дека смртта се дефинира како неповратен прекин на циркулаторните и мозочните функции, но точниот момент кога тоа се случува може да биде потешко да се одреди отколку што се мислеше претходно.
Ана Фаулер, студентка на Државниот универзитет во Аризона, вели дека преминот помеѓу животот и смртта можеби не е нагло исклучување на свеста, туку постепен процес што науката сè повеќе може да го одложи, па и директно да го оспори.
На состанокот на Американското здружение за унапредување на науката во Феникс таа истакнала дека новите докази покажуваат дека биолошките и невронските функции не престануваат веднаш. Наместо тоа, тие опаѓаат во период од неколку минути до часови, што сугерира дека смртта се случува како процес, а не како моментален настан.
- Истражувањата за застој на срцето покажуваат дека до 20 отсто од преживеаните се сеќаваат на свесни искуства од периодот на отсуство на активност во кортексот на мозокот - посочила Фаулер.
Таа анализирала десетици истражувања и академски публикации, вклучително и истражувања за невроелектрична активност на прагот на смртта.
Истражување од 2019 година открило дека мозокот е способен да емитира електрични сигнали минути и часови по смртта ако е зачуван.
Смртта треба да се гледа како нешто што има различни фази
Сем Парнија, директор за истражување на интензивна нега и реанимација на Универзитетот во Њујорк, вели дека веројатно многу луѓе што умираат во болница последното што го слушаат е лекар кој изговара „време на смртта“, бидејќи остануваат свесни подолго отколку што се очекувало.
Истражување од 2023 година во списанието „Ресасикејшн“ открило дека свеста, будноста и когнитивните процеси може да се појават за време на застој на срцето и до еден час додека се изведува реанимација.
Фаулер нагласила дека смртта треба да се гледа како нешто што има различни фази:
- Имате рак од трет стадиум, рак од втор стадиум. На ист начин постојат и фази на смртта - вели таа и додава дека се потребни дополнителни истражувања за да се утврди најдобриот момент за почеток на земање органи од донори по нивната смрт.
Претставувајќи го својот труд пред експерти на конференцијата, таа нагласила дека разбирањето на биолошкото време на смртта може да помогне овие одлуки да се носат со научна точност и етичка јасност.
- Истражувањата покажаа дека мозокот не се исклучува веднаш кога срцето престанува да чука. Кратки налети на организирана мозочна активност, често наречени свесност, можат да се појават по застој на срцето, а некои пациенти што биле оживеани пријавуваат свесни искуства од тој период. Тие се сметаат за луѓе што доживеале искуства блиски до смртта или сеќавања на смртта - вели Фаулер.
Извор:
Atvbl.rs
Фото: Freepik