X
 19.03.2025 Наука

Гледањето слики од природа има моќен ефект врз мозокот

Само еден поглед кон природата, дури и преку дигитални слики, може да ја намали болката, покажува ново истражување во кое биле анализирани мозочните реакции на луѓе изложени на електрични шокови.

Здравствените придобивки од природата се документирани со децении истражувања.

Пред повеќе од 40 години револуционерно истражување покажа дека хоспитализираните пациенти користеле помалку лекови против болка и побрзо закрепнувале кога гледале низ прозорецот кон зелена површина наместо кон ѕид.

- Но, досега не беше јасно зошто се случува ова - вели невронаучникот Максимилијан Штајнингер од Универзитетот во Виена, кој е водечки автор на истражувањето објавено во „Нејчр комјуникејшнс“.

И природата и болката се субјективни искуства, што го прави ова прашање уште покомплексно.

Можеби луѓето едноставно ја сакаат природата, па нејзиниот ефект врз болката е всушност плацебо. Или можеби не е природата таа што ја намалува болката, туку урбаниот начин на живот што ја засилува?

Како природата влијае врз мозокот?

За да одговорат на ова прашање, истражувачите анализирале мозочна активност кај 49 волонтери со помош на функционална магнетна резонанса.

Додека учесниците гледале различни сцени, добивале електрични шокови со различен интензитет на задниот дел од левата рака.

На првата сцена, гледале езеро опкружено со дрвја што се нишаат на ветер, додека во заднина се слушале звуци на шумолење на лисја и црцорење на птици. На втората сцена биле додадени урбани елементи како згради, клупи и улици, а звучната подлога вклучувала градски шум. На третата сцена бил прикажан канцелариски простор со мебел и монотон звук на работа.

Докази од мозочни скенови


Учесниците не само што изјавиле дека чувствувале помала болка додека гледале природни пејзажи, туку и скеновите од нивниот мозок покажале значајни разлики.

- Нашето истражување со снимки на мозокот докажува дека ова не е само плацебо-ефект - објаснува Штајнингер.

Природните сцени предизвикале намалена активност во дел од мозокот одговорен за перцепцијата на болка, но не и во другите области што ја регулираат болката.

Истражувачите сметаат дека ова се должи на способноста на природата да го привлекува вниманието, одвлекувајќи го умот од непријатните сензации, концепт познат како „теорија на обновување на вниманието“.

- Овој ефект може да се постигне со виртуелно изложување на природата, што е лесно применливо и има важни практични импликации - вели Алекс Смоли, коавтор на истражувањето.

Овие откритија отвораат нови можности за истражување на начинот на кој природата влијае врз човечкиот ум и како може да се искористи за подобрување на благосостојбата.

Извор: Science Alert
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука