X
 16.04.2020 Здравје

Што вели науката, колку се ефикасни ракавиците од латекс во борбата против вирусот?

Откако изби епидемијата, а потоа и беше прогласена пандемија на коронавирусот, најголем интерес покажавме за информации за превентивните мерки. Луѓето често, сосема несвесно, си го допираат лицето и така од раката вирусот го пренесуваат до устата или носот, вели Симон Кларк, вонреден професор за клеточна микробиологија на Универзитетот во Рединг, Англија.

Една од мерките што се препорачуваат е детално и често миење на рацете, како хирург кој се подготвува за операција. Меѓутоа, честото миење на рацете и/или дезинфекцијата со алкохол може да доведе до оштетување на кожата.

Затоа на многумина им е поедноставно да носат ракавици од латекс за еднократна употреба. Но, дали ракавиците навистина се безбедни?

За подобар увид во тоа како најдобро да ги користите ракавиците и кои се нивните ограничувања, најкорисно е да се набљудува местото каде што тие се користат рутински - на пример, болниците. Важно е да се знае дека повеќето ракавици што се испорачуваат во големи пакувања не се стерилни. Исто така, поврзани се со ризикот од вкрстена контаминација и ширење вируси. Тоа се случува бидејќи често се користат кога не се потребни, се ставаат прерано, се тргаат предоцна или не се менуваат навреме, вели професорот Кларк.

Во болниците ракавиците се користат за да се обезбеди заштита од контакт со крвта на пациентите, телесни течности или со одредени лекови. За време на операциите ракавиците се стерилни, се тргаат кога постои можност да извалкаат други површини и никогаш не се користат исти ракавици за повеќе од еден пациент.

Во секојдневниот живот...

На пример, во продавниците - кога ќе видите дека ракавици носи лице што работи во месарница, имајте предвид дека можеби ги носи со часови и дека можеби тој човек ракувал со контаминиран материјал, а потоа сечел и пакувал месо за вас. Сето тоа со исти ракавици, предупредува Кларк.

Исто така, преносот на вируси е ист и кога носите и кога не носите ракавици. Ако сте допреле контаминирана површина со ракавиците, а потоа сте си го допреле лицето, тоа е исто како да не сте носеле ракавици.

Еквивалент на неуспех при промена на ракавиците е немиењето на рацете. Значи, ако невнимателно сте ги промениле ракавиците, исто како да не сте измиле раце.

Носењето ракавици е погоден начин за минимизирање на контаминацијата и одржување на рацете чисти, но само ако се користат правилно и во случаи кога не сте во можност да ги измиете рацете.

Лекарите од Националната здравствена служба во Велика Британија се согласуваат дека ракавиците можат да донесат повеќе штета отколку корист.

Доктор Карин Рај додава дека тие може да имаат улога во понатамошно ширење на вирусите, како и да играат многу важна улога во клиничкото опкружување, а постојат малку познати докази што велат дека се корисни за јавна употреба.

Извор: National Geographic
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје