X
 16.05.2020 Живот

Кој сектор во Источна Европа вработува по сто лица месечно за време на пандемијата?

Источноевропскиот сектор за деловни услуги, како кол-центрите, сметководствените услуги и истражувања и развој, има многу работа во ерата на коронавирусот.

Голем број компании што се занимаваат со овој бизнис во Чешка, Полска и во Романија бараат нови вработени за да ја задоволат побарувачката на клиентите од Запад.

- Во време на криза повеќе бизниси се селат тука - вели Роман Павлоусек, шеф на центарот за финансиски услуги во Брно, чиј клиент е глобалната индустриска компанија „Атлас Копко“. Повеќе од 90 отсто од компаниите за деловни услуги во Чешка продолжија да вработуваат за време на пандемијата. Од тоа, 12 отсто добиле дополнителна работа од азиско-пацифичкиот регион, покажува истражувањето на чешката гранка на Здружението за деловни услуги.

Иако азиските конкуренти можат да понудат пониски цени за нивните услуги, компаниите во Централна и Источна Европа се географски поблиски, во иста временска зона како добар дел од нивните клиенти од Западна Европа и можат да се пофалат со голем број вработени кои зборуваат неколку странски јазици. Затоа, регионот привлече голем број големи клиенти, од нафтениот гигант „Ексон мобиле“ до „Блу линк интернешнл“, компанија во сопственост на „Ејр Френс-КЛМ“.

Компаниите од средна и источна Европа имаат сè повеќе експерти од областа на автоматизацијата, роботиката и вештачката интелигенција, што станува сè поинтересно и понеопходно за компаниите од Западот. Во Полска, најголемата источноевропска економија, компаниите што обезбедуваат деловни услуги исто така продолжиле да вработуваат и во текот на мерките на изолација кои економски го парализираа буквално целиот свет.

Ивона Дуџинска, директорка на центарот на европската подружница на американската „Ситибанк“, посочува дека кризата не ги забавила нивните планови за раст.

- Вработуваме околу сто нови лица секој месец и спроведуваме процес на селекција преку интернет - истакнува таа.

До пред четврт век овој сектор практично не постоел ни во тамошните економии. Денес, тоа е индустрија која вработува околу 750.000 луѓе во Централна и во Источна Европа. И продолжува рапидно да расте, вели Ремек Лубачевски, партнер во консултантската компанија „Пвс“.

работа
Фото: Pixabay

- Сè е прашање на момент. Оваа криза покажа дека многу работи можат да се направат на далечина и тоа ќе донесе позитивни работи во регионот и среднорочно и долгорочно - смета Ремек. Тој живее во Краков, универзитетски град кој со 85.000 вработени стана најголемиот европски центар за секторот на деловни услуги. „Пепси“, „Шел“, „Стејт Стрит“ се само некои од меѓународните компании што имаат основано филијали во овој град благодарение на достапноста на мултинационалната работна сила која е способна да обезбеди сложени услуги на широк спектар на јазици.

Чешкиот извештај на секторот за деловни услуги покажува дека повеќето компании гледаат нови деловни можности што се раѓаат во тековната здравствена криза со оглед на трендот на намалување на оперативните трошоци кај нивните клиенти и барање нов начин за водење бизнис.

- Можностите за кои зборуваме лежат во фактот дека сме ангажирани во бизнисот на централизирање на активностите, наоѓање синергии и иницирање ефикасност - смета Роман Павлоусек. Павел Мичалик, директор на компанијата „Ај-ен-џи Тех Поланд“, смета дека пандемијата ќе резултира во тоа мултинационалните компании да размислуваат за можности за одделување на дејностите во нови подрачја.

- Тоа е нешто што ќе ја опфати целата индустрија и дефинитивно ќе има позитивно влијание врз компаниите за деловни услуги во Централна и Источна Европа - смета Мичалик.

Според него, големите банки ќе бидат повеќе заинтересирани за одделување на активностите како што се процена на ризик или регулаторна усогласеност и известување од својата корпоративна структура.

- Воведовме вакви услуги минатата година во Варшава и веројатно ќе ги развиеме побрзо отколку што планиравме на почеток - вели Мичалик. Треба да се напомене дека секторот за деловни услуги во Централна и Источна Европа побрзо се приспособи на мерките за изолација отколку останатите индустрии низ светот.

Со оглед на дигитализацијата на ваквиот бизнис, две третини од вработените во оваа индустрија во Полска беа во можност да извршуваат работни задачи од дома без никакви проблеми. Сепак, добар дел од компаниите од овој сектор имаат намера да ја продолжат практиката на работа од дома за дел од вработените дури и кога мерките за контрола целосно ќе се укинат.

Аналитичарите сметаат дека Централна Европа дополнително ќе има корист од очекуваниот тренд на зголемена дигитализација на бизнисот и помалку акцент на директната комуникација „лице в лице“, дури и по пандемија.

Извор: Poslovni.hr
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот