X
 16.06.2018 Наука

Фотографии направени од кинески сателит покажуваат колку всушност сме мали

Додека кинескиот микросателит наречен „Лунгѓанг-2“ минатиот месец влегуваше во орбитата на Месечината, вселенскиот брод се сврте наназад кон Земјата и ги направи првите тест-фотографии.

На една од тие фотографии може да се види нашата планета заедно со Месечината.

Фотографиите биле направени на 28 мај со камера поставена на сателитот, а платена од саудискиот принц. Овие фотографии ни покажуваат колку нашата планета Земја е мала во космосот.

-Ова е неверојатно. Фотографии од Земјата и Месечината направени со мала саудиска камера на мал кинески сателит тежок 45 килограми во лунарната орбита - напиша новинарот Ендрју Џоунс на „Твитер“.

Кинескиот сателит беше лансиран на 21 мај заедно со неговиот близнак „Лунгѓанг-1“. Микросателитите требаше да ја проучуваат Месечината во тандем, но „Лунгѓанг-1“ доживеа неуспех и веројатно е изгубен во вселената во далечна орбита на Земјата.

Фото: Science Alert

Двата сателита се помошни и тие беа ставени на поголем телекомуникациски сателит „Ќуеќао“. Токму „Ќуеќао“ наскоро ќе стане мост за мисијата на Кинеската национална вселенска управа (ЦНСА), наречена „Чанг'е-4“. Целта на тој проект е да се испрати вселенски брод кој ќе слета на темната страна од Месечината и лунарен ровер. Релеј сателитот е неопходен бидејќи Месечината ги блокира сите радио сигнали од Земјата. Без него, „Чанг'е-4“ нема да е во можност да прима команди од контолата или да испраќа податоци дома.

Ако успее, „Чанг'е-4“ ќе биде првиот вселенски брод кој ја допрел и истражил таа далечна половина од површината на Месечината. Исто така, може да стане вториот кинески лунарен ровер кој бил на Месечината од декември 2013 година.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука