X
 17.11.2025 Живот

Патувањето на Марс би можело да изгледа како 300 дена возење во мал автомобил

Американскиот милијардер Илoн Маск најави дека луѓе ќе стапнат на Марс во 2031 година, но експертите предупредуваат дека многу проблеми треба да се решат пред такво патување воопшто да стане изводливо. Францускиот астронаут Тома Песке укажува дека патувањето со човечки екипаж на Марс, според сегашните технички можности, би траело околу 12 месеци, односно 300 дена во затворен простор со големина на мал автомобил.

Во својата книга „Пофалби на надминувањето“, објавена на 5 ноември, францускиот астронаут опишува мисија која, како што вели, би била застрашувачки празна и безживотна.

Со сегашната технологија, патувањето со човечка екипа до Црвената Планета би траело околу 12 месеци. За споредба, „Аполо 11“ на Месечината стигна за три дена.

- Постои голем ризик од технички дефект, депресија или дека некој нема да може да издржи, па треба добро да се размисли дали навистина го сакаме тоа - вели Песке.

И експертите од Европската вселенска агенција предупредуваат на големи предизвици, како што се заштита од космичко зрачење, осмислување ергономско летало, транспорт на големи количини вода и храна, како и психолошка подготовка на астронаутите.

Бидејќи Земјата и Марс се наоѓаат во најповолна положба на секои 26 месеци, можностите за лансирање се ретки, што дополнително ја комплицира логистиката.

Покрај тоа, астронаутите би можеле да останат на Марс со децении бидејќи Европската вселенска агенција предвидува мисии со траење од три до пет години.

Иако Илoн Маск зборува за слетување на луѓе на Марс во 2031 година, експертите оценуваат дека тој рок е претерано оптимистички, имајќи го предвид фактот дека НАСА во документ од 2024 идентификувала 187 технички пречки кои сè уште не се решени.

Експертите сметаат дека е неопходно прво да се тестира инфраструктурата, да се испланира создавање база и да се научи како да се преживее самостојно на Црвената Планета, пред луѓето да бидат испратени на тој далечен пат.

Извор:
Фото:
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот