X
 16.06.2020 Живот

Сите гранични премини ќе бидат отворени од утре

Владата донесе одлука од утре (17 јуни) да се отворат сите гранични премини во земјава со примена на мерките што се активни. За влез во Македонија е задолжително да се приложи валиден негативен ПЦР-тест, не постар од 72 часа. Останува и мерката за потпишување изјава за задолжителна самоизолација во траење од 14 дена, врз чија основа Државниот санитарен и здравствен инспекторат изготвува решение за здравствен надзор и домашна самоизолација, која ја контролира МВР.


Исто така, останува во сила и мерката за државен карантин во траење од 14 дена за сите граѓани или странци со регулиран престој во земјава кои при влез на територијата на Македонија нема да приложат валиден ПЦР-тест или ќе приложат невалиден ПЦР-тест.

Останува и можноста граѓаните што се во државен карантин и што сакаат да им се направи ПЦР-тест на нивно барање, тоа да им се овозможи од страна на овластена институција во најкраток рок. Оние граѓани на кои направениот ПЦР-тест им е негативен, потпишуваат изјава за задолжителна самоизолација во траење од 14 дена, каде што се пресметани и деновите поминати во државен карантин и го напуштат државниот карантин и заминуваат во задолжителна самоизолација на адресата определена во дадената изјава.

Доколку граѓаните не сакат да им се направи ПЦР-тест, остануваат во карантин 14 дена, а по тој рок од страна на овластени претставници од ДСЗИ им се изготвува решение за здравствен надзор и домашна самоизолација.

На денешната седница Владата го дополни протоколот за непречен транзит на странски државјани низ територијата на Македонија и од утре протоколот овозможува влез на сите гранични премини на државјани на други држави за транзитирање низ територијата на Македонија.

Останува одредбата во протоколот која пропишува дека транзитот на овие лица подразбира влез на еден граничен премин и излез на друг со обврска при транзитот да не се излегува од соодветниот автопат или локален пат и тој да се реализира во рамките на најмногу 5 часа што се потврдува со изјава која странските државјани треба да ја пополнат на влез, а на излез треба корисникот да ја предаде на граничната полиција со цел да се контролира времетраењето на транзитот.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот