X
 16.06.2025 Живот

Дали седиштето 11A е најбезбедното место во авионот? Еве што велат експертите

Случајот со патникот од авиокомпанијата „Ејр Индија“, кој е единствениот преживеан во авионската несреќа во која загинаа 241 лице, ја отвори дебатата дали токму неговото седиште, 11A, е најбезбедното во авионот.

Експертите за авијација велат дека тоа не може да се утврди бидејќи авионите многу се разликуваат по конфигурација на седишта, а секоја несреќа е специфична сама по себе. Преживувањето често зависи од повеќе фактори.

- Секоја несреќа е различна и невозможно е да се предвиди шансата за преживување само според позицијата на седиштето - вели Мичел Фокс, директор на американската непрофитна организација „Фондација за безбедност во воздухопловството“.

Преживеаниот патник, британскиот државјанин со индиско потекло Рамеш Висвакумар, кажа дека неговото седиште 11A се наоѓало во близина на излезот за итни случаи.

Тој бил еден од 242 патници во „боинг 787 дримлајнер“ кој во четвртокот се урна во Ахмедабад, неколку минути по полетувањето.

Рамеш успеал да излезе преку излезот за итни случаи веднаш по падот.

Седиштето во близина на таков излез може да помогне во преживување при несреќа, но тоа не значи дека секогаш ќе биде 11A, бидејќи постојат десетици различни распореди на седишта во авионите.

avion
Фото: BBC/SeatGuru

Дополнително, по несреќата, некои од тие излези може да не функционираат бидејќи може да бидат оштетени при ударот.

Истражување од 2007 година покажува дека патниците што седат поблиску до задниот дел на авионот имаат поголеми шанси да преживеат.

Некои експерти, пак, сметаат дека делот околу крилјата на авионот е најстабилен.

Во јануари минатата година, среде лет, од „боинг 737 МАХ“ отпаднал дел од страната на авионот, при што се направила голема дупка и било оштетено соседното седиште, на кое, за среќа, не седел никој.

Најдобриот начин да ги зголемите шансите за преживување е внимателно да ги следите упатствата за безбедност на почетокот на летот, иако тоа често се доживува како рутина, велат експертите.

Дисциплинираното следење на упатствата од авионот за евакуација било клучен фактор во спасувањето на сите 379 патници и членови на екипажот на летот на „Џепен ерлајнс“ во јануари минатата година, кои ги оставиле своите торби и брзо го напуштиле авионот.

Упатствата за безбедност главно се однесуваат на тоа како правилно да го врзете безбедносниот појас и како да ја планирате маршрутата за евакуација. Чест совет е да ги изброите редовите помеѓу вашето седиште и најблискиот излез, во случај кабината да се исполни со вода или чад и да се намали видливоста.

Фокс додава дека дизајнот на авионите е унапреден со цел да се зголеми веројатноста патниците да можат безбедно да го напуштат авионот од задниот дел при несреќа.

- Постигнат е голем напредок во дизајнот на кабините со цел да се зголемат шансите за преживување при несреќи на земја или во близина на земјата - заклучува тој.

Извор: 6yka.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот