X
 07.04.2017 Политика

Работникот што успеа да ја замолчи Марин ле Пен


Марин ле Пен
(Фото: Getty images)

Малку познатиот кандидат за претседател на Франција, фабричкиот работник Филип Путу, стана ѕвезда по одржаната телевизиска дебата.

Во дебатата, тој го отвори прашањето за чесноста на останатите два претседателски кандидати кои се вмешани во корупциски скандали. Неизбричен, лежерно облечен во дуксерка, кандидатот на левичарската Нова антикапиталистичка партија го привлече вниманието на јавноста со остра реторика во одбрана на работничката класа и со директен напад кон кандидатката на десницата - Марин ле Пен и конзервативниот Франсоа Фијон, против кои се водат истраги заради злоупотреба на државни средства.

Путу, кој е вработен во фабриката за автомобили на „Форд“, нема никакви шанси за победа на априлските избори, но неговиот глас и неговите напади кон фаворитите во изборната трка се раширија низ социјалните мрежи, пренесува AP.

„Не постои работнички имунитет, кога полицијата ќе не повика, ние одиме“, изјавил Путу, а пренесува „Блумберг“.

Ле Пен, кандидатката на Националниот фронт, не се јавила на повикот на истражниот судија во врска со наводите дека членови од нејзината партија го измамиле Европскиот парламент за неколку стотици илјади евра, кои им биле исплатени за незавршена работа.

Потоа Путу се обрати кон Фијон кој е под истрага заради обвиненија дека неговата сопруга и децата биле вработени на  добро платени фиктивни државни работни места.

Фијон призна дека „направил грешки“ но негира дека сторил и правен прекршок, пишува „Гардијан“.

„Од јануари трае веселбата. Ништо освен афери. Колку повеќе се копа, повеќе се чувствува миризбата на корупција и измами. Истото важи и за Марин ле Пен, крадат од државните фондови, а Националниот фронт кој би требало да биде антисемитски, не се грижи, затоа што се заштитени со пратенички имунитет“, истакнал Путу.

Путу одби да се фотографира со останатите 10 кандидати, истакнувајќи дека тие не се негови колеги.

На почетокот на дебатата, 50-годишниот Путу се претстави како фабрички работник кој верува дека освен Натали Арто, е единствениот  кандидат кој има нормална работа и дека е против „непристојно богатите“.

Кога модераторите го предупредувале за пречекорување на времето за дебата, одговорил: „Само затоа што не носам вратоврска, не значи и дека смеете да ме прекинувате“.

Путу на претседателските избори во 2012 година освои 1,5 проценти од гласовите, а оваа година ја води својата кампања под слоганот: „Нашите животи, а не нивните профити“.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Политика