X
 15.07.2017 Живот

Државо, а да ти дадам јас тебе отказ?

Сметам дека јас те плаќам, јас можам и да ти дадам отказ.

луѓе
Фото: Vladimir Živojinović / Noizz.rs

Паразитираш на моите пари, даноци и придонеси. Кога и да ти притреба за пиво, или ми ја намалуваш платата или измислуваш такси. Мене не ме прашуваш ништо, а јас те плаќам. Па каде го има тоа.

Сѐ ти доверив и те платив за сѐ да се грижиш, а ти упропасти сѐ што е можно да се упропасти, пишува професорката по англиски Љубинка Недиќ на блогот Klotfrket.

Ти го давам во доверба здравството, ти го доведуваш до „Ве молам да ги купите овие лекови, ние ги немаме во болница“. Се чека за прегледи, се чека за лабораториски анализи, се штеди на дијагностика, а за оние мачни деца за кои кај нас нема лек, ние, граѓаните, собираме пари за лекување. Ја намали платата на лекарите и сестрите, ја зголеми бирократијата, само нешто куцаат и пишуваат, и отидоа сите во Германија! Кој ќе не лечи нас? И на сето тоа, ти не ми даваш да избирам дали здравственото осигурување ќе ти го плаќам тебе или некому кому јас сакам! Никогаш немало повеќе болни од рак, ниту повеќе психички оболени, а ти броиш заменици помошници на советници на претседателот и се фалиш како со нив ти било на ракија.

Ти го доверив образованието и за кратко го уништи! Измислуваш едни предмети, укинуваш други, веќе не се знае кој пие, а кој плаќа. Го принудуваш училиштето на децата да им покаже дека нема последици за лошото однесување, а потоа за тоа ги обвинуваш просветните работници. Покрај живите просветни работници, ти викаш некои невладини организации да го уредуваат образованието. Учебниците никогаш не биле полоши, наставната програма никогаш не била похаотична, а и никогаш децата не биле пооптоварени со глупости кои мора да ги прават, а кои не носат никаква корист. Па и нив им ги намали платите.

Ти ја доверив својата старост, а ти ги потроши моите пари во пензискиот фонд, па сега ме тераш да работам и кога ќе имам 65 години. Како? Што да работам со 65 години (а можеби и 67) во училница со 30 пубертетлии? Притоа не ми даваш сама да избирам во кој пензиски фонд да ги уплатам своите пари.

Ти давам да се грижиш за мојата безбедност, но ти не си фер! Ми ја ограбуваат куќата, а ти не ги наоѓаш крадците. Дилери шетаат околу училиштето, но нема пари за доволно училишни полицајци. Лудаци се убиваат по улица, а ти соопштуваш дека починал сторител на кривично дело кој од порано и е познат на полицијата. Најголемите крадци прават нов кат на вилите и имаат пет автомобили во гаражите, а ти ги малтретираш бабите кои продаваат лубеници и децата кои свират во Кнез Михајлов. Имаш за чувари на фонтаните и контејнерите, а немаш за Центарот за социјална работа.

Тебе те плаќам да водиш сметка за тоа што и да купам од продавницата навистина да биде храна, а ти дозволуваш да го јадам она што другите држави го отфрлиле како неисправно! И со тоа да го нахранам детето!

Ти ги давам и моите пари да ги уредуваш областите заради кои државата и постои, а ти на Цици и даваш пет илјади евра секој месец, а на Дани шест. Дали си ти нормална? Дали си ме прашала пред да им ги дадеш моите пари? А се случуваат сѐ повеќе самоубиства, затоа што луѓето не можат повеќе да живеат вака. Па и старите почнаа да се убиваат, срам да ти е!

Ти давам пари да ме претставуваш по светот, а ти поставуваш старлети по конзулати, и го праќаш твојот претставник пијан да пее по банкети.

И уште нешто!

Сакам за моите пари за струја, вода, пат, железници, безбедност и сѐ останато што се однесува на сите нас, да се грижат најдобрите менаџери, најквалитетните стручњаци, оние што биле најдобри студенти и работници, а не некои сруќнаци за кафе и печење, керамички уметници и слично. Сакам за моите пари да бидеш таква што најдобрите студенти први најдат работа, а не да купуваат авионска карта во еден правец. И прв да добие субвенции највредниот земјоделец, а не оној што бил препорачан од некој на партискиот состанок на месната заедница.

Најмногу ти замерувам што секој ден ме правиш луд. Барем да се преправаш и ќутиш! А ти си запнала – те не работам, те мрзлив сум, те сакам да работам за да живеам, а ти би сакала да живеам за да работам, те спијам до доцна. Ти тврдиш дека јас изведувам – сакам да купувам книги; сакам Раде Миленковиќ да гостува секаде каде што има публика; сакам Васил Хаџиманов слободно да настапува затоа што е квалитетен, а не Амадеус Бенд; сакам Кокан Младеновиќ да добие награда секогаш кога претставата му е најдобра, а не Лазар Ристовски да добие 40 милиони динари... Јас сакам, ти не даваш, а јас те плаќам!

Единствено за што можам да те пофалам е тоа што сама сфати дека си болна и неспособна, но многу ти замерувам што потоа најде белосветски старатели да ја работат твојата работа како што сакаат тие, па сега морам и нив да ги плаќам. Подобро би било да си отишла на лечење. Ете, уште само за твоето лечење доброволно би ги дала моите пари.

П.С. Не, не сакам никаде да одам. Мене овде ми е местото, но тебе не ти е.
Подготвил: М.Д.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот