Уште од појавувањето на „Игра на троновите“, серијата предизвика контроверзија поради графичкото прикажување на насилството.
Шоуто е познато по убиствата на дивјачки средновековен начин - со нож, меч, отров, кучиња, стаорци, лак и стрела - и остава сосема малку имагинација. Некои критичари го осудија насилството што го нуди серијата, особено сцените кои вклучуваат силување. Но, други го пофалија поради тоа што успеа прецизно да ја прикаже бруталната реалност на средновековниот живот.
„Прво, ’Игра на троновите‘ отсекогаш презентираше побрутална и пореалистична визија отколку филмовите и сериите слични на неа. Ова е серија која се обидува да се спои со најреалистичната визија за животот во средновековната ера и фантастичниот свет каде што змејовите се вистински“, вели ТВ-критичарот Ерик Деганс.
Можеби критичарите се поделени околу креативните одлуки на серијата, како на пример дали да бидат вклучени експлицитни сцени на силување или тоа дека ликовите дискутираат за клучните елементи на заплетот голи или прикажување сцена во која бремена жена е избодена со нож во стомакот пет пати. Но, она што е не е контроверзно е дека ваквото насилство во популарната приказна во никој случај не е ново.
Насилството во делата на Шекспир
Во одреден контекст, погледнете ја историјата на она што се смета за најграфичката претстава на Шекспир, „Тит Андроник“. Трагедијата, базирана на римската историја, е маѓепсан циклус на одмаздата помеѓу кралицата Тамора и генералот Тит, кои се стремат меѓусебно да си ги убиваат и мачат децата.
Во една сцена синовите на Тамора ја носат ќерката на Тит, Лавинија, длабоко во шумата и таму ја силуваат, ѝ ги сечат рацете и јазикот, за таа да не може да открие што се случило.
„Ти Андроник“ традиционално се смета за една од најлошите претстави на Шекспир, со насилство толку неоправдано што се граничи со фарса. Но ова дело било исклучително популарно кога се појавило кон крајот на 16 век.
Публиката од ова време, помеѓу елизабетанските и јакобејските епохи, се чини дека била наклонета кон приказни за одмазда, па било често книгите да содржат екстремно насилство. Овие драми ги рефлектирале животот и општеството.
На крајот, оваа драма повеќе не била во мода, па често била игнорирана. Два века подоцна, во 1765 година, англискиот писател Самуел Џонсон се сомневал дали современата публика би можела воопшто да ја погледне претставата:
„...варварството на спектаклите и генералниот масакр што се изложени тука едвај може да бидат толерирани од која било публика“.
Потоа, во 2006 година, откако претставата помина низ рацете на критичарите и историчарите, нејзината продукција во театарот „Глоуб“ во Британија се најде на насловните страници откако предизвикала несвестици, гадење и непроспиени ноќи кај дел од публиката.
И другите претстави на Шекспир содржат брутални сцени. Во драмата „Кралот Лир“ има сцена со вадење на окото, во „Макбет“ има обезглавување и во „Јулиј Цезар“ има прободување.
Но како точно може да се спореди насилството на Шекспир со она во „Игра на троновите“? Одговорот зависи од тоа како го мерите: квалитативно или квантитативно.
Со испитување на бројот на телата, „Игра на троновите“ е далеку понасилна, како што покажа и ова видео кое ги брои сите убиства во серијата.
За споредба, оваа табела го прикажува бројот на мртвите тела во најкрвавите претстави на Шекспир.
Со илјадници мртви тела, серијата „Игра на троновите“ е далеку понасилна од драмите на Шекспир. Исто така, серијата ги отстранува своите ликови на многу поразновидни начини отколку Шекспир. Но тоа не значи дека Шекспир бил убиец кој користел само еден трик.
Квалитативно, одлуката која приказна е понасилна е прашање на мислење. Дали сте повеќе погодени од осакатувањето на Лавинија или од сцените во кои Ремзи Болтон мачи некого?
Без оглед на вашето мислење, насилството и во драмите на Шекспир и во „Игра на троновите“ има поголема цел. Приказните во нив скоро секогаш се поврзани со моќ.
Но постои една голема разлика помеѓу Шекспир и „Игра на троновите“: медиумите. Дали постои некаква разлика помеѓу сведочење на насилството на сцена и насилството на екраните? Токму ова се обидува да го тестира компанијата „Ројал Шекспир“ заедно со истражувачката фирма „Ипсос МОРИ“.
Истражувачите планираат да ги следат отчукувањата на срцата на 30 члена од публиката за време на три настапи во живо на претставата „Тит Андроник“. Потоа, втората група, на слична возраст, пол и театарско искуство, ќе биде следена додека гледа прикажување на претставата во кината.
„Сакаме да видиме како публиката физички реагира на продукцијата“, вели Беки Лофтус, извршна директорка на „Ројал Шекспир“.
„Дали луѓето се навикнати на Квентин Тарантино и „
Игра на троновите“, па повеќе не ги шокира театарската магија или повеќе ги сакаат театарската крв и масакрот?“, додава таа.
Резултатите треба да бидат објавени во ноември.