X
 25.11.2017 Живот

Лагите на родителите можат да го уништат односот со децата!


Мајка и две деца
(Фото: Pixabay)


Сите родители ги лажат своите деца секојдневно, без да го забележат тоа. Дополнително, ако на своите деца им кажувате дека не е убаво да се лаже, а самите константно изнесувате лаги, ќе ги научите и тие исто така да користат лаги, сметајќи дека е во ред штом тоа го прават и мама и тато.

Лажењето не им носи ништо добро на децата, туку предизвикува контраефект и самите ги претвора во мали лажговци. Затоа родителите треба да престанат да лажат и треба да бидат искрени и кон себе и кон децата.

Ова се најчестите лаги што родителите несвесно им ги кажуваат на децата:

1.    „Дедо Мраз те гледа и нема да ти донесе подарок ако не си добар/ра.“

Ако често ја употребувате оваа лага, нема да почувствувате никаков бенефит од неа, децата на крајот ќе разберат и ќе сфатат дека сте ги лажеле. Последиците од тоа ќе мора вие да ги разрешувате.

2.    „Никогаш нема да дозволам да ти се случи нешто лошо.“

Ова е ваша намера, која не можете целосно да ја исполните. Не можете да го штитите детето цело време. Затоа е најдобро да му ја кажете вистината, тоа мора да е свесно за опасностите што постојат околу него, а вие не можете да бидете покрај него постојано.

3.    „Паркот е затворен.“

Многу добро знаете дека парковите не се затвораат, но бидејќи немате време да го однесете детето таму, ја користите оваа лага. Наместо тоа, бидете искрени. Кажете му за своите обврски и неможноста да го одведете да си игра, така ќе научи дека не ќе може секогаш да го добие она што го бара.

4.    „Ветувам дека нема да боли.“

И кога лесно ќе го убедувате детето дека воопшто нема да го боли инјекцијата што треба да ја добие, тоа знае дека лажете. Го научило тоа претходниот пат кога сте му кажале истата лага. Наместо тоа, кажете му дека ќе почувствува мал убод од иглата, тоа малку ќе боли, но брзо ќе помине. Објаснете му дека тоа е неопходно за неговото здравје. Така нема да бидете лажливец, а и нема вас да ве обвинува за болката.

5.    „Ти си најдобриот уметник, овој цртеж е неверојатен!“

Немојте многу да го фалите детето ако не сте искрени. Верувале или не, децата не се толку лекоумни колку што вие мислите дека се. Тие можат да го препознаат тонот на вашиот глас, говорот на телото, за да знаат дали сте или не сте искрени. Пофалете ги за оние работи кога сте сосема искрени по прашање на нивните вештини и способности.

6.    „Време е за спиење.“

Само што е 19:30 часот и не е време за во кревет, затоа што и самите знаете дека времето за спиење е во 20:00 часот. Едноставно кажете дека е време за подготвување за спиење. Зборовите се важни. Секогаш бидете сигурни дека сте го кажале она што сте мислеле и дека го мислите тоа што сте го кажале. Така ќе се одржува довербата меѓу вас и детето.

7.    „Не знам што се случи со твојот цртеж кој беше залепен на фрижидерот.“

А добро знаете дека сте го фрлиле. Не можете да ги чувате сите цртежи затоа што немате толкав простор. Најдобро решение е да му го објаснете тоа на детето. Покажете му го местото или фиоката каде што ќе ги чувате неговите најдобри цртежи. И самото да може да ги става таму. Кога ќе се наполни фиоката, заедно ќе одлучите кои цртежи ќе ги чувате, а кои не, за да ослободите простор за новите. Вака ќе му дадете одговорност за трудот и ќе бидете искрен родител.

8.    „Доаѓам за една минута.“

Да, намерата ви е добра. Сакате да стигнете навреме, но и самите знаете дека нема никаква шанса да го направите тоа за толку кратко време. Затоа, кажете му го тоа отворено. Немојте да лажете дека ќе трае една минута затоа што ќе трае многу подолго. Избегнувајте ги лагите така што ќе бидете конкретни и ќе ја кажете вистината.

9.    „Си одам оттука без тебе.“

Наместо заплашување, употребете конкретни и реални последици за да го прекинете детето во активноста и да заминете заедно. Бидете доследни секојпат, објаснувајќи му дека ако не се подготви за заминување, ќе задоцните на другото место. Тогаш вашите зборови ќе добијат своја „тежина“.

10.    „Сега немаме пари да го купиме тоа.“

Објаснете му го ова на детето да ве разбере. Помогнете му да сфати дека некогаш сите морате да се жртвувате заради нешто друго што е поважно и понеопходно. Така ќе го научите на една важна животна лекција.

Вистината е најдобриот начин за одгледување и развој на децата.


Пишува: Александра Ивковиќ
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот