X
 24.09.2026 Живот

Нов бизарен тренд поврзан со патувањата: Зошто сите ги виткаат пасошите во алуминиумска фолија?

Невообичаен тренд се шири на „Тик-ток“, „Редит“ и форумите за патувања: некои патници почнаа да ги виткаат своите пасоши во алуминиумска фолија, верувајќи дека така ќе ги заштитат личните податоци од дигитална кражба.

Зошто патниците ги виткаат пасошите во алуминиумска фолија?


Идејата се заснова врз стравот дека криминалците би можеле бесконтактно да ги прочитаат податоците од чипот вграден во современите пасоши додека поминуваат покрај нив.

Современите германски пасоши, на пример, имаат РФИД-чип вграден во страницата со податоци од документот. Според германската Сојузна канцеларија за безбедност во информатичката технологија, чипот овозможува брза и сигурна проверка на идентитетот на граница.

Покрај дигиталната фотографија, на него се чуваат податоци како име, место на раѓање, пол, боја на очите, висина и место на живеење. Во пасошот се наоѓаат и два отпечатоци од прсти, кои се земаат при издавањето на документот.

Тоа е доволно кај одделни патници да се појави прашањето: Дали може некој да ги прочита тие податоци? 

Колкав е ризикот?

Експертите наведуваат дека неовластеното читање на податоците во вообичаени ситуации за време на патување е малку веројатно.

РФИД-чипот има многу краток распон, па читачот би морал да биде практично веднаш до пасошот. Ситуацијата е слична како кај бесконтактното плаќање, каде што уредот треба да се доближи до картичката за да биде можна комуникацијата.

Поради тоа, алуминиумската фолија, која може да послужи како импровизирана бариера за радиобрановите, главно се смета за непотребна мерка за заштита.

Наместо дополнителна безбедност, на патниците може да им донесе една сосема практична непријатност: секојпат кога треба да го покажат пасошот на контрола, мора да ја вадат фолијата, а потоа повторно да ја враќаат.

Податоците во пасошот се дополнително заштитени

Во Германија податоците од чипот не се чуваат во централна државна база. Регистрите за пасоши што ги водат надлежните органи ги содржат истите податоци што постоеја и пред воведувањето на електронските пасоши.

Ниту биометриските податоци не се дел од некоја централна база. Отпечатоците од прсти остануваат исклучиво на самиот документ.

Затоа, според стручните објаснувања, завиткувањето на пасошот во алуминиумска фолија повеќе претставува одговор на стравот од дигитална кражба отколку мерка што е неопходна при секојдневните патувања.

Извор: BIZlife.rs
Фото: Magnific

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот