X
 17.02.2025 Живот

Зошто луѓето што возат велосипед до работа земаат помалку денови за боледување?

Ако ви треба уште еден мотив да почнете да возите велосипед до работа, еве го: ново истражување покажува дека луѓето што го користат велосипедот како превозно средство земаат помалку денови за боледување и имаат помала веројатност да се на подолги отсуства поради болест.

Истражувањето, спроведено од Финскиот институт за здравје при работа, опфатило податоци од 28.485 вработени во локалната администрација во текот на една година, а поголем дел од нив биле следени и во текот на втората година.

Според анализата, во споредба со пасивното патување – со автомобил или јавен превоз – возењето велосипед најмалку 61 километар неделно било поврзано со 8-12 отсто помал ризик од боледување и 18 отсто помала веројатност за боледување од најмалку 10 дена поради болест. Во просек, најактивните велосипедисти имале 4,5 дена помалку боледување годишно во споредба со оние што користеле пасивен превоз, како и една подолга болест помалку во текот на една деценија.

Зошто велосипедистите се помалку болни?


- Веќе постојат докази за здравствените и еколошките придобивки од активното патување, но неговата врска со ризикот од подолги боледувања досега не беше проучена - вели Еси Калиолахти, научник за јавно здравје од Финскиот институт за здравје при работа.

vozenje
Фото: Freepik

Истражувачите зеле предвид и други фактори што можат да влијаат врз резултатите, како што се возраста, полот, консумацијата на алкохол и социо-економскиот статус. Сепак, податоците не докажуваат директна причинско-последична врска помеѓу возењето велосипед и намаленото боледување, туку само силна поврзаност.

Овие наоди се совпаѓаат со претходните истражувања, но точниот механизам сè уште не е потврден. Јасно е дека активниот начин на живот е една од најдобрите стратегии за одржување на здравјето, па затоа не е изненадувачки што физички активните луѓе имаат помал ризик од многу болести. Од друга страна, можеби и здравствените проблеми што бараат почесто боледување спречуваат некои луѓе да користат велосипед за на работа.

Интересно е што резултатите покажале дека велосипедистите имаат помалку боледувања од пешаците, но само ако поминуваат подолги релации. Можно е пешачењето да не е доволно интензивно за да даде исти здравствени ефекти или, пак, луѓето што редовно возат велосипед на подолги релации имаат некоја друга предност што ги прави поретко болни.

- Освен што пешаците обично поминуваат помалку километри неделно, можно е и интензитетот на нивното движење да не е доволен - пишуваат истражувачите, сугерирајќи дека побрзо одење би можело да даде подобри резултати.

Секако, велосипедот не е опција за секого, особено во урбаните средини каде што сообраќајниот метеж и инфраструктурата можат да бидат предизвик. Но, доколку е можно, оваа форма на транспорт може да значи не само почесто присуство на работа, туку и намалување на емисиите на штетни гасови од другите видови превоз.

- Бидејќи само половина од возрасната популација е физички активна во согласност со препораките, пешачењето или возењето велосипед може да бидат одличен начин за зголемување на физичката активност. Резултатите од ова истражување даваат дополнителни причини за поттикнување и инвестирање во активни начини на патување, особено велосипедизмот - вели епидемиологот Јени Ервасти од Финскиот институт за здравје при работа.

Извор: Science Alert
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот