Шкотска стана првата држава од Обединетото Кралство што воведе погреби познати како „водено кремирање“ или буквално „готвење во вреќа“, што претставува најголема промена во британските правила за погребување од воведувањето на кремирањето во 1885 година.
Оваа алтернативна техника, стручно наречена алкална хидролиза, подразбира растворање на телото на починатиот во стерилна течност. Поддржувачите тврдат дека овие „водени кремации“ се поеколошка алтернатива на традиционалното кремирање, кое троши големи количини на природен гас.
Како функционира?
Во текот на процесот телото се обвиткува со биоразградлива обвивка и се става во челичен сад под притисок. Потоа садот се полни со течност составена од 95 отсто вода и 5 отсто алкална хемикалија, како што е калиум хидроксид.
Телото се загрева на околу 150 степени под притисок, со што се спречува вистинско вриење. Во текот на три до четири часа процесот ги имитира природните процеси на распаѓање кои во ковчег би траеле со децении.
На крајот, добиената течност се лади, се обработува и се испушта во канализација, каде што се преработува заедно со отпадните води. Во меѓувреме, коските, кои стануваат меки, внимателно се сушат, се ладат и се претвораат во фин бел прав, кој слично како пепелта по кремирањето му се враќа на семејството во урна.
Еколошки аспект и поддршка
Компанијата „Кајндли ерф“, која има ексклузивни права за производство на опрема за алкална хидролиза во Шкотска, тврди дека отпадната течност е стерилна и не содржи цврсти материи, ниту ДНК. По обработката остануваат само природни соединенија како протеини, пептиди, шеќери и соли, а водата се враќа во природниот воден циклус.
Шкотската влада во 2023 година утврдила дека 84 отсто од испитаниците ја поддржуваат оваа метода.
Министерката за јавно здравје Џени Минто изјави дека оваа метода нуди нова, еколошки прифатлива алтернатива на традиционалниот погреб или кремирање.
Цена и достапност
Во земјите каде што воденото кремирање е веќе дозволено, цената обично се движи од 1.400 до 4.600 евра, во зависност од давателот на услугата и локацијата.
На пример, во еден погребен центар во американската сојузна држава Минесота основната услуга чини околу 3.150 евра, додека со дополнителна комеморација цената достигнува до 4.600 евра.
Пред шкотските крематориуми и погребни служби да почнат да ја нудат оваа услуга, ќе треба да обезбедат градежни дозволи и согласност од јавните водостопански служби за испуштање на течноста. Се очекува првите постапки да започнат ова лето, веднаш штом се добијат сите потребни одобренија.
Поголем избор за семејствата
Директорката на компанијата „Кајндли ерф“, Хелен Чендлер, нагласува дека суштината е во изборот.
- Знаеме дека не секој ќе ја избере хидролизата и токму тоа е поентата. Станува збор за тоа да им се даде на семејствата поголем избор. Секое семејство има различни вредности и приоритети - вели таа.
Погребното претпријатие „Вилијам пурвис“ од Единбург истакнува дека оваа метода би можела да стане популарна кај луѓето што бараат поодржливи решенија, но на почетокот цените може да бидат повисоки поради специјализираната опрема и ограничениот број објекти.
Каде е дозволено?
Алкалната хидролиза веќе е дозволена во Ирска, Нов Зеланд, Канада и САД.
И Англија и Велс разгледуваат воведување правна рамка за оваа практика, но засега нема утврден рок.
Покрај тоа, се разгледуваат и други еколошки алтернативи, како што е таканареченото „човечко разложување“, во кое се користат микроорганизми за разградување на телото во почва, која потоа може да се користи.
Извор:
24sata.hr
Фото: Freepik