X
 17.05.2025 Живот

Што му прави прекувремената работа на вашиот ум?

Работите премногу? Можеби вашиот календар сè уште не го признава тоа, но вашиот мозок веќе одамна го знае и реагира на начини што не се ни малку наивни. Ново истражување покажува како хроничниот стрес на работа влијае врз концентрацијата, емоциите и помнењето. Накратко: одморот не е луксуз, туку прашање на егзистенција.

Современиот работен ритам, подолгите работни денови и постојаната достапност често се прикажуваат како неопходност за зголемена продуктивност. Но, она што се игнорира во економските и политичките дебати е следново: луѓето што постојано работат премногу плаќаат висока цена, и тоа со својот мозок.

Неодамнешно истражување од Јужна Кореја нуди вознемирувачки увид во внатрешниот свет на луѓето што хронично работат прекувремено. Истражувачите направиле скенирања на мозокот кај повеќе од сто здравствени работници, професија позната по брзиот ритам и силниот психолошки притисок.

Некои од испитаниците работеле во рамките на законски дозволените 52 часа неделно. Други редовно ја надминувале таа граница. Резултатот?

МРИ-снимките покажале дека кај оние што постојано работат прекувремено мозочните подрачја задолжени за логика, фокус и емоционална регулација биле значително зголемени.

Звучи како да развивате супермоќ? За жал, не е така. Овие промени не се показател за напредок, туку итен СОС-сигнал од мозокот. Научниците сметаат дека станува збор за компензациски механизам, обид на мозокот да се справи со хроничниот притисок. Тоа е како кога моторот на автомобилот работи во „црвената зона“, се чини дека се движи напред, но ако трае предолго, сè почнува да откажува.

Иако проширувањето на одредени мозочни региони можеби на краток рок изгледа како адаптација, на долг рок води до исцрпеност, емоционална нестабилност, проблеми со помнењето и когнитивен пад. Со други зборови, мозокот се обидува да ви ја спаси главата иако тоа не може да го прави засекогаш.

Одмор, поставување граници и ментална хигиена не се знак на слабост. Тие се вашиот штит во време кога идеологијата на претерана работа почнува негативно да влијае врз здравјето на човекот.

Извор: 6yka.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот