X
 17.06.2022 Живот

Евровизија 2023 нема да се одржи во Украина

Организаторот на Евровизија денеска најави дека ќе започне разговори со Би-би-си за можното одржување на настанот следната година во Велика Британија, откако заклучил дека не може да се одржи во Украина.

Настанот традиционално го организира победникот на претходно одржаниот натпревар. Минатиот месец украинскиот бенд „Калушки оркестар“ победи на натпреварот оставајќи ја Британија на второто место, благодарение на големиот број гласови од гледачите.

Украинскиот јавен радиодифузер претходно го организира настанот двапати, во 2005 и 2017 година. Европската радиодифузна унија (ЕБУ) соопшти дека спровела „целосна процена и физибилити-студија“ за можноста тоа да се повтори.

Во соопштението се наведува дека натпреварот е една од најкомплексните телевизиски продукции во светот и дека се потребни 12 месеци за да се подготви.
Управниот одбор на натпреварот со длабоко жалење заклучи дека украинскиот радиодифузер, со оглед на сегашните околности, не може да ги исполни безбедносните и оперативните гаранции потребни на радиодифузерот за да биде домаќин, да го организира и продуцира Изборот за песна на Евровизија во согласност со правилата на настанот.

„Нашата целосна намера е победата на Украина да се одрази во емисиите следната година. Ова ќе биде приоритет во нашите разговори со евентуалните домаќини“, соопшти ЕБУ.

Би-би-си во соопштението наведе дека ова не е сплет на околности што некој би ги посакал, туку дека по одлуката на ЕБУ ќе разговараат за тоа кој ќе биде домаќин на Евровизија.

Портпаролот на британскиот премиер Џејми Дејвис изјави дека победата на Украина на Евровизија е заслужена и дека Велика Британија се надева дека следната година ќе се одржи во земјата победничка.

Тој рече дека ако тоа се покаже невозможно, ќе ја поздрави можноста за тесна соработка со Украина и Би-би-си за домаќин на настанот да биде Велика Британија и дека Лондон ќе се погрижи настанот да ја одразува „богатата култура, наследство и креативност на Украина“.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот