X
 17.06.2025 Живот

Како тинејџер, Моцарт тајно препишал забранета композиција од Сикстинската капела

Сите знаеме дека Моцарт бил музички гениј, но дали знаевте дека неговата извонредна музичка меморија му помогнала да „шверцува“ тајна композиција од Ватикан?

Напишана во 17 век за папата Урбан VIII, композицијата „Miserere mei, Deus“ („Помилуј ме, Боже“) на Грегорио Алегри била строго чувана тајна. Таа се изведувала исклучиво во Сикстинската капела за време на свечените служби и станала прочуена поради специфичната орнаментика што речиси никој надвор од Ватикан не ја познавал.

Се вели дека за да се зачува тајната, папата забранил нотирање на делото, под закана од екскомуникација. Подоцна се појавиле шпекулации дека постојат само три преписи: еден за светиот римски цар, еден за кралот на Португалија и еден за менторот на Моцарт, Падре Мартини. Според популарната приказна, кога 14-годишниот Моцарт бил во Рим во 1770 година, тој присуствувал на литургија во Сикстинската капела со својот татко и ја слушнал композицијата на Алегри.

 

Благодарение на писмото што татко му Леополд го испратил до неговата сопруга, знаеме што се случило потоа.

- Често си слушала за прочуената „Помилуј ме, Боже“ во Рим, која толку многу се цени што изведувачите во капелата се казнуваат со екскомуникација доколку изнесат дел од неа, го препишат или го дадат некому. Но ние веќе го имаме. Волфганг го запиша - ѝ напишал Леополд на својата сопруга.

Во следното писмо, можеби за да ја смири својата сопруга, Леополд ѝ објаснува:

- Дури и папата знае дека тој ја препишал и нема причина за грижа.

Иако овој запис на Моцарт претставува прва неовластена верзија на композицијата, сепак постојат докази дека оваа композиција не бил целосна тајна. Експертите веруваат дека веќе кружеле одобрени преписи низ Европа, а можно е Моцарт да го слушнал делото и неколку години претходно во Лондон.

Она што сигурно се знае е дека верзијата на Моцарт била објавена во 1771 година од британскиот музички историчар д-р Чарлс Бурни, но дека таа верзија не ја содржела специфичната орнаментика по која делото било препознатливо. Иако композицијата се изведува и денес, тоа што го слушаме не е идентично со оригиналната верзија на Алегри, ниту со тоа што се изведувало пред 1900 година, според авторот Греам О’Рајли.

Современата верзија е комбинација од подоцнежни транскрипции и вклучува тешка нота „високо до“ која не била дел од оригиналот. И покрај сите овие измени, „Помилуј ме, Боже“ на Алегри останува едно од највпечатливите дела за акапела хор, со навистина необична историја.

Извор: Mymodernmet.com
Фото: Wikimedia Commons
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот