X
 17.07.2021 Здравје

Што се случува со телото кога ќе престанете да консумирате бел леб?

Белиот леб е речиси неизбежен во балканската кујна. Тој дава чувство на ситост поради простите јаглехидрати, па затоа нутриционистите се согласни дека оваа намирница речиси нема нутритивна вредност што би била корисна за организмот.

Простите јаглехидрати се состојат од еден или два молекули шеќер, а организмот ги апсорбира брзо и го зголемува нивото на шеќер кое паѓа за многу кратко време. Затоа, простите јаглехидрати може да направат повеќе штета, пишува „Екапија“. Еве кои позитивни ефекти може да се очекуваат доколку го исфрлите белиот леб од исхраната.

Губење килограми

Исфрлањето на простите јаглехидрати од исхраната му помага на телото да се ослободи од вишокот вода. Тоа ќе доведе до губење на вишокот килограми бидејќи ќе се намали процесот на создавање гликогени кои ја врзуваат водата во телото. Простите јаглехидрати поттикнуваат хемиски процеси кои ја задржуваат течноста во телото.


Фото: Pixabay

Меѓутоа, сложените јаглехидрати, кои ги има во житариците или лебот од цело зрно, дејствуваат бавно, па организмот ги апсорбира во подолг временски период и не се задржува водата во телото.

Ќе исчезне чувството на непотребен глад

Брзото качување на нивото на шеќер по јадењето прости јаглехидрати и неговото последователно паѓање прават хаос во телото. На мозокот му се испраќаат нејасни сигнали кои не се процесираат правилно, па затоа се јавува желба за храна дури и доколку навистина не ви треба храна. Сето ова доведува до прекумерно јадење, што предизвикува многу проблеми.


Фото: Pixabay

Ќе ви се зголеми нивото на енергија

Белиот леб не содржи влакна од житариците кои се важни за здраво функционирање на цревата. Храната богата со прости шеќери предизвикува опстипација и болки во стомакот, а тоа може да има и психолошко влијание кај некои луѓе.

Освен тоа, треба да знаете дека јаглехидратите се најважниот извор на енергија за организмот, но доколку се одберат правилно. Простите шеќери само делумно го враќаат чувството на енергија, но набргу следува умор. Житариците, овошјето и зеленчукот се подобар избор бидејќи постепено го подигнуваат нивото на енергија.

Извор: Ekapija
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје