Италијанската компанија „Фереро“, која стои зад популарните производи „фереро роше“ и „нутела“, е во завршна фаза на договор за купување на компанијата „ВК Келог“ за околу три милијарди американски долари.
По објавувањето на оваа вест, акциите на „ВК Келог“ скокнале за околу 51 отсто.
Со ова купување, италијанската чоколадна империја би можела уште повеќе да се прошири. „Нутела“, која стана светски препознатлива, денес се смета за вистински симбол на глобализацијата.
Мишел Фереро, еден од најексцентричните и најмистериозни производители на слатки, ги создаде производите што ги познава целиот свет: „нутела“, „киндер сурпрајз“, „фереро роше“, како и бонбоните „тик-так“.
Популарноста на неговите слатки го направила многу затворен човек, но и еден од најбогатите луѓе на светот. Кога починал во 2015 година, на 89-годишна возраст, неговото богатство се проценувало на повеќе од 17 милијарди евра.
Мишел бил толку посветен на чувањето на тајната формула, што рецептот го превел на арапски и го чувал во Каиро. Посетители немале пристап до фабриката во градот Алба, а иако тоа се променило во последниве години, отвореноста и понатаму е многу ограничена. Неколку новинарски екипи добиле шанса да ѕирнат во производството на познатите слатки, но мистериозноста што ја опкружува семејството Фереро и денес е присутна.
Како почнала приказната?
Сѐ започнало во 1946 година. Браќата Пјетро и Џовани Фереро работеле заедно во мала семејна слаткарница со цел да создадат производи што ќе го изградат имиџот на брендот „Фереро“. Пјетро бил двигателот на иновацијата и креативноста, кои подоцна му ги пренел на својот син Мишел.
Пјетро бил познат по љубовта кон експериментирањето, а пријателите го викале „научникот“. Секогаш се стремел да пронајде нови вкусови и текстури со кои ќе ги изненади и израдува муштериите во Алба.
Семејството Фереро било првиот италијански производител по Втората светска војна кој отворил фабрики и канцеларии во странство, претворајќи ја компанијата во вистински глобален играч.
Нивната меѓународна експанзија започнала сериозно во 1956 година со отворањето голема фабрика во Германија. Наскоро потоа, компанијата отворила и втор меѓународен капацитет во Франција, а оттогаш развојот продолжил со брзо темпо. Денес, Фереро е присутен во Европа, Северна и Јужна Америка, Африка, Австралија и Југоисточна Азија. Компанијата и понатаму останува семеен бизнис, кој сега го води третата генерација, а се потпира на своето наследство, стручност и светски познати слатки.
Како бил создаден чоколадниот крем „нутела“?
По завршувањето на војната, чоколадото било многу скапо и речиси недостапно за италијанските семејства. Семејството Фереро развило формула за чоколаден крем кој главно содржел лешници, со оглед на тоа што во Алба ги имало во изобилство. Нивната визија била: „Како да создадеме нов рецепт со помалку какао, но со висока нутритивна вредност на лешниците?“ Првиот производ го нарекле едноставно „суперкрем“.
Дваесет години подоцна, со развојот на технологијата, дошла идејата да се подобри рецептот. Тогаш Мишел Фереро ги вклучил новите иновации во постојната формула и создал вистинско чудо. Официјално, „нутела“ била создадена во 1964 година, истата година кога се родил неговиот син, кој често се шегува дека има „мал брат“, а тоа е токму „нутела“.
Семејната империја, која со децении ја водел Мишел, а сега ја води неговиот син Џовани, денес вреди околу 43 милијарди долари, според списанието „Форбс“. Џовани Фереро се наоѓа на 26. место на листата со најбогати луѓе во светот.
Компанијата „Фереро“ е позната по својата затвореност, што, според многумина, е резултат на претпазливост од индустриска шпионажа. Никогаш не одржала прес-конференција, а медиумите ретко добиваат дозвола да ги посетат фабриките. Производството се одвива на машини дизајнирани од внатрешен инженерски тим, а во фабриките работат претежно жители на Алба, така што сѐ останува во „кругот на семејството“.
Пјетро Фереро бил опседнат со пронаоѓање на совршената формула за „нутела“. Често ја будел сопругата среде ноќ со лажичка од новата верзија на кремот и ѝ велел: „Што мислиш, каков е вкусот?“
До 1950 година веќе поседувал 200 комбиња што го дистрибуирале чоколадниот крем низ цела Италија, а само неколку години подоцна бројката достигнала 1.000. Во 1957 година Мишел додал шеќер во формулата и го нарекол производот „нутела“, која потоа почнала да се продава во тегли.
Мишел бил крајно затворен човек и никогаш не давал интервјуа. Неговото животно мото било: „Весниците треба да го споменат твоето име само двапати – кога ќе се родиш и кога ќе умреш“.
Извор:
6yka.com
Фото:
Instagram