X
 17.07.2025 Живот

Ригорозни мерки за туристите - овој град ги забрани селфињата и алкохолот на јавни места

Од 15 јули до 30 септември 2025 година, како што објави градоначалникот Матео Вијакава, во Портофино, Италија, ќе стапат во сила ограничувања насочени кон зачувување на јавниот ред и заштита на локалната заедница.

Меѓу мерките што се воведуваат се забрана за одење бос на јавни места, забрана за носење костими за капење, како и голо торзо надвор од плажа и забрана за правење селфиња на одредени локации. Консумирањето алкохол на јавни места исто така не е дозволено, како и пикник, седење и лежење на тротоари, паркови и ѕидови.

Прекршителите на овие правила се соочуваат со казни во износ од 25 до 500 евра, а во посериозни случаи, туристите би можеле да бидат избркани од градот.


Градоначалникот Вијакава нагласува дека овие мерки се воведени со цел да се зачува пријатна атмосфера за сите, и за локалното население и за посетителите, и да се спречи хаосот предизвикан од прекумерен број туристи во летните месеци. Портофино, кое има околу 400 жители во зима, може да прими до 100.000 туристи во текот на летото, што многукратно ги надминува капацитетите на ова мало гратче.

- Овие мерки не се насочени кон туристите, туку кон создавање подобри услови за соживот и заштита на она што го прави Портофино посебен - неговата убавина, мир и традиција - додал Вијакава.

Портофино веќе стана познат по своите зони на „тишина и пристојност“, во кои одредени активности веќе се ограничени со цел да се зачува културниот и природниот идентитет на градот.

Извор: tportal.hr

Фото: Freepik/Facebook (Italy 365)

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот