X
 26.12.2023 Живот

Колку долго се задржува алкохолот во телото?

Повеќе фактори одредуваат колку долго останува алкохолот во нашиот организам. Колку брзо телото може да го разгради алкохолот и дали е можно да се забрза тој процес, најмногу зависи од црниот дроб, но тој не е единствениот фактор.

Алкохолот може да се задржи во телото и 90 дена по консумирањето

Алкохолот може да се открие во урината од 12 до 130 часа по консумирањето. Фосфатидилетанол, биомаркер кој го одразува внесот на алкохол, може да се открие до 14 дена во урината. Исто така, алкохолот може да се открие од 12 до 24 часа преку здив, како и во плунката. И кога се тестира косата, поточно коренот од влакното, алкохолот може да се открие и до 90 дена откако лицето престанало да пие.

- Црниот дроб добива најголемо внимание кога станува збор за метаболизмот на алкохолот. Но, тоа не е единствениот фактор. Кога пиете пијалак, неговата прва станица е стомакот. Некои луѓе имаат стомачни ензими кои го разградуваат алкохолот и тие помагаат да се спречи дел од алкохолот да влезе во крвотокот. Но, не секој ги има овие ензими, познати како алкохол дехидрогеназа (АДХ) и алдехид дехидрогеназа (АЛДХ). Истражувањата покажаа дека жените обично имаат пониски нивоа на АДХ од мажите - објаснува хепатологот д-р Џамил Ваким-Флеминг од клиниката во Кливленд.

Тој додава дека луѓето што редовно пијат имаат пониско ниво на АДХ од луѓето што ретко или никогаш не консумираат алкохол.

Колку време е потребно за да се разгради алкохолот?

- Ако некое лице нема доволно алкохол дехидрогеназа (АДХ) и алдехид дехидрогеназа (АЛДХ), желудникот ќе испрати алкохол директно во тенкото црево. Оттаму влегува во крвотокот и мозокот, а вие почнувате да ги чувствувате неговите ефекти - нагласува д-р Ваким-Флеминг.

Следната станица е црниот дроб и тој го презема тешкиот товар кога станува збор за преработката на алкохол. Тој отстранува околу 90 отсто од алкохолот од крвта, а остатокот излегува преку бубрезите, белите дробови и кожата.


Фото: Pixabay

- Времето на преработка на алкохолот зависи од волуменот и јачината на пијалакот. Колку повеќе пиете, толку повеќе вашето тело треба да процесира. И концентрацијата е важна. Околу 120 милилитри жесток пијалак содржат многу повеќе алкохол од 120 милилитри вино - истакнува д-р Ваким-Флеминг.

Откако ќе почнете да пиете, на алкохолот му требаат од 60 до 90 минути за да го достигне своето максимално ниво во крвта. Тогаш телото почнува да го разградува.

Полуживотот на алкохолот е од 4 до 5 часа, а полуживотот всушност значи колку време му е потребно на телото да се ослободи од половина од внесената количина. Но, на човекот му требаат околу пет полуживоти за целосно да се ослободи од алкохолот. Значи, потребни се околу 25 часа за телото да го исчисти целиот алкохол.

Врз брзината на разградување на алкохолот влијаат и одредени фактори, како лековите, полот (на жените им треба повеќе време), староста (со годините процесот забавува), телесната тежина (поситните луѓе може да имаат поголема концентрација на алкохол во телото) и здравствената состојба.

По колку време тестовите можат да откријат алкохол во телото?

Кога станува збор за „полагање“ на алкотест, нема гаранции за резултатите. Почувствителните или подобрите тестови, на пример, можат да откријат помали количества алкохол, а бидејќи секој го разградува алкохолот по своја брзина, на некои луѓе ќе им треба повеќе време да го „исчистат“ од своето тело отколку на другите.

Најчесто, тестот на крвта може да открие алкохол до 12 часа по консумацијата, а тест со дишење до 24 часа. Тест на плунка открива алкохол до 48 часа по консумација, тест на урина открива алкохол и по пет дена. Тест на коса открива алкохол по 90 дена.

Извор: Eklinika
Насловна фотографија: Pixabay

Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот