Моментално, во тренд се подолгите и потемни трепки. За оние кои сакаат да го избегнат ризикот или трошокот од екстензии, серумите изгледаат како побезбедна и поекономична алтернатива. Сепак, не сите серуми за трепки се еднакви. Некои можат да предизвикаат и скриени несакани ефекти.
Главната разлика е во состојките. Некои серуми користат состојки за нега како пептиди или растителни масла, додека други содржат моќни фармацевтски супстанции првично развиени за лекување на очни болести.
Во 2001 година беше одобрен нов лек наречен биматопрост, кој служеше за третман на глауком и очна хипертензија, состојби кои предизвикуваат зголемен очен притисок, со ризик за оштетување на очниот нерв и губење на видот.
За разлика од претходните третмани, биматопрост бил ефикасен кај пациенти кои не реагирале на други лекови, имал помалку системски несакани ефекти (кои влијаат на целото тело, не само на окото) и барал поретка употреба од другите капки за глауком.
Лекарите брзо забележале нешто неочекувано - трепките на пациентите станувале подолги, погусти и потемни. Сè уште не е целосно јасно како биматопрост го стимулира растот, но се верува дека ја продолжува анагената фаза која е активната фаза на раст во животниот циклус на трепките.
Во 2008 година, истиот лек (под бренд името „Латисе“) беше одобрен од Американската агенција за храна и лекови за третман на хипотрихоза на трепки - состојба при која трепките се ретки или ги нема.
Првично се препишувал на лица кои ги изгубиле трепките поради хемотерапија, алопеција ареата (автоимуно нарушување кое предизвикува опаѓање на косата) или трихотиломанија (компулсивно вадење влакна).
Истражувањата покажуваат дека биматопрост навистина ги прави трепките подолги, погусти и потемни, со видливи резултати по 16 недели секојдневна употреба. Но, ефектот е привремен па кога ќе се прекине, трепките се враќаат во својот природен циклус на растење.
Несакани ефекти
Биматопрост спаѓа во групата лекови наречени аналогни на простагландин, користени во офталмологијата уште од 90-тите, па несаканите ефекти се добро познати. При употреба за растење на трепките, може да предизвика пецкање, црвенило, сувост и иритација на очите - симптоми кои обично исчезнуваат по прекинот на користење.
Постојат и посериозни козметички промени, како потемнување на кожата на очните капаци, губење на масно ткиво околу очите (што создава вдлабнат, „потонат“ изглед), трајно потемнување на ирисот, непожелен раст на влакна на местата каде што серумот се разлеал, па дури и спуштање на горниот капак што понекогаш бара хируршка корекција.
Во Велика Британија, биматопрост е лек што се издава само со рецепт. Сепак, порастот на серуми кои се продаваат без рецепт, преку интернет и во продавници, направи слични производи да бидат полесно достапни.
Истрага на британската влада открила дека речиси секој четврти серум за трепки на пазарот содржи изопропил клопростенат. Иако овој хемиски состав е помалку истражен од биматопрост, постојат извештаи за потемнување на кожата, сувост и вдлабнатост околу очите, понекогаш по само неколку недели употреба.
Во САД, Американската агенција за храна и лекови уште пред повеќе од десет години предупреди дека секој козметички производ кој содржи вакви состојки и тврди дека поттикнува раст, треба да се третира како лек, а не како козметика.
Некои серуми користат пептиди кои можат да помогнат во зајакнување на трепките преку зголемување на кератинот или подобрување на здравјето на фоликулите. Често се комбинираат со состојки за нега за да се намали кршењето. Иако се сметаат за поблага алтернатива, повеќето истражувања за пептидите се однесуваат на косата на скалпот, а не на трепките, па доказите за нивната ефикасност се ограничени.
Други серуми се потпираат на рициново масло или растителни екстракти, но нивната ефикасност е под знак прашалник и не е потврдена со цврсти научни докази.
Не постои загарантиран и целосно безбеден начин за драматично да се зголеми должината на трепките. Пропишаните серуми, како биматопрост, се докажани како ефикасни но имаат потенцијални ризици, особено при долготрајна употреба. Производите без рецепт може да изгледаат побезбедни, но многу од нив содржат скриени простагландин аналози со слични несакани ефекти.
Пептидните и маслените серуми се помалку ризични, но нема силни докази дека навистина функционираат.
Очите се деликатни и за разлика од модните трендови, не можат да се заменат. Пред да одлучите да ги „подобрите“ трепките, прочитајте ја декларацијата, информирајте се и консултирајте се со експерт за очи. Цената на подолгите трепки не треба да биде здравјето на вашите очи.
Извор:
The Conversation
Фото: Freepik