Грчката влада усвои закон што им дозволува на приватните работодавци да ги продолжат смените до 13 часа дневно, под изговор за „флексибилност“ и „раст“. Иако е претставен како доброволен и фер платен модел, овој потег практично го укинува стандардниот 8-часовен работен ден и покрај тоа што податоците од анкетите покажуваат дека работниците масовно се спротивставуваат.
Законски, мерката е усогласена со европските регулативи бидејќи ЕУ-директивата дозволува долг работен ден сè додека не се надминува неделната просечна граница од 48 часа. Но во практика, за многумина, особено во угостителството, ова само ја формализира реалноста: долги смени, ниски плати и малку одмор.
По победата на грчките работници во 1936 година, со која го обезбедија 8-часовниот работен ден, земјата денес повторно се наоѓа во ситуација каде што Грците се меѓу работниците кои најмногу работат во Европа. Податоците од „Евростат“ и Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) покажуваат дека вработените со полно работно време годишно работат околу 1.900 часа, наспроти 1.510 во Обединетото Кралство и 1.330 во Германија.
Грчките работници и онака се меѓу работниците што најмногу работат во Европа со просечна работна недела од 41-42 часа, што е најмногу во ЕУ, но платите и продуктивноста остануваат ниски. Низ годините, серија реформи под етикетата „флексибилност“ постепено го разградија 9-часовниот ден, а најновиот закон дозволува 13-часовни смени до 37 дена годишно со 40 отсто повисока плата за дополнителните часови.
Владата тврди дека работниците го бараат ова, но истражувањата покажуваат спротивно. Од 2008 година наваму приходите и куповната моќ значително паднале, а наместо повисоки плати, се нудат подолги работни денови. Според анкета на грчкиот трудов институт, 94 отсто од работниците сакаат пократки часови без намалување на платата, а речиси 60 отсто го отфрлаат 13-часовниот ден. Мнозинството што веќе работи толку долго вели дека „доброволно“ е само формално и луѓето работат повеќе за да преживеат.
Опозициските партии предупредуваат дека новиот закон претставува враќање кон 19 век. Масовните штрајкови ја истакнуваат клучната дилема: Ако работниците се против, а законот на ЕУ штити од исцрпеност, како поминува ваква мерка?
ЕУ-директивата, всушност, го овозможува ова преку опцијата работниците „доброволно“ да надминуваат ограничувања, што во суштина ја легализира исцрпеноста. Слични тенденции постојат и во други развиени економии како Велика Британија и САД каде што долгите работни недели стануваат норма, често без соодветна компензација.
Од работниците се очекува да се приспособат, бришејќи ја границата помеѓу работата и животот. Грчкиот 13-часовен работен ден не означува напредок, туку враќање назад од тешко изборените работнички права. Тој го доведува во опасност и историскиот напредок во работните услови, во трка по уште поголема продуктивност и профит.
Извор:
The Conversation
Фото: Freepik