X
 08.09.2021 Живот

Икигаи - јапонски збор што го содржи клучот за среќата

За јапонските работници во големите градови, типичен работен ден започнува со состојба наречена суши-зума, израз што ги споредува патниците набиени во преполн вагон на воз со цврсто спакувани зрна ориз во суши.

Стресот не застанува тука.

Озлогласената работна култура во оваа земја доведува до тоа повеќето луѓе да поминуваат долги часови во канцеларија, каде што владеат строги правила на хиерархија.

Прекувремената работа не е невообичаена, а последните возови во работните денови околу полноќ се полни со луѓе во костуми.

Како го постигнуваат тоа?

Тајната лежи во она што Јапонците го нарекуваат икигаи.

Не постои директен превод на овој збор, но тоа е израз што ја отелотворува идејата за радоста на живеењето.

Икигаи е практично она што ве тера да станувате секое утро.

За оние на Западот што се повеќе запознаени со концептот на икигаи, тој често се поврзува со пресек на четири квалитети: што сакаш, во што си добар, што му треба на светот и за што може да ти биде платено.

За Јапонците, сепак, таа идеја е малку поинаква.

Нечиј икигаи не мора да има врска со приходот.

Покрај тоа, во анкетата спроведена врз 2.000 мажи и жени од страна на централните истражувачки служби во 2010 година, само 31 отсто од испитаниците ја сметале својата работа за икигаи.

Во студијата за икигаи во 2001 година коавторот Акихиро Хасегава, клинички психолог и вонреден професор на Универзитетот „Еива“ во Токио, го вклучи зборот икигаи во секојдневниот јапонски речник.

Се состои од два збора: ики, што значи живот и гаи, што значи вредност.

Според Хасегави, потеклото на зборот икигаи датира од периодот Хејан (794 до 1185 година).

- Гаи потекнува од зборот каи (на јапонски школка), кој се сметаше за исклучително вреден, и оттаму произлезе икигаи, како збор што значи вредност на живеење.

Икигаи може да се доживее како сеопфатен концепт што опфаќа слични вредности во животот.

1
Фото: Freepik

Слично на среќа

Постојат многу книги посветени на икигаи во Јапонија, но една од нив се смета за конечна: „Икигаи-ни-куите“ (За икигаи), објавена во 1966 година.

Авторот на книгата, психијатарот Миеко Камија, објаснува дека, како збор, икигаи е сличен на „среќа“, но има суптилна разлика во значењето.

Икигаи е она што ви овозможува да гледате напред кон иднината, дури и ако сте несреќни во даден момент.

Хасегава истакнува дека на англиски јазик зборот живот значи и очекуван живот и секојдневен живот. Затоа, ако икигаи е преведен како смисла на животот, звучи многу грандиозно.

Хасегава открива дека Јапонците веруваат дека збирот на мали радости во секојдневниот живот резултира со поисполнет живот во целина.

Концептот на долговечност?


Јапонија има едни од најдолговечните луѓе во светот - во просек 87 години за жените и 81 година за мажите, според јапонското министерство за здравство, труд и благосостојба.

Дали овој концепт на икигаи придонесува за долговечност? Писателот Ден Бјутнер верува дека е така. Бјутнер е автор на книгата „Сини зони: Лекции за подолг живот од луѓето што живееле најдолго“. Тој патувал низ светот истражувајќи ги заедниците со долгогодишници, кои ги нарекува „сини зони“.

Една таква зона е Окинава, оддалечен остров со неверојатно голем број стогодишници.

Иако уникатната исхрана веројатно игра голема улога во долговечноста на нејзините жители, Бутнер вели дека икигаи, исто така, игра улога.

- Постарите луѓе се почитуваат и тие се чувствуваат должни да им ја пренесат својата мудрост на помладите генерации - вели тој.

Тоа им дава смисла во животот, кога знаат дека ѝ користат на заедницата.

Според Бјутнер, концептот за икигаи не е единствен само за жителите на Окинава.

- Можеби нема збор за тоа, но во сите четири сини зони како Сардинија и полуостровот Никоја, постои ист концепт кај луѓето што живеат долг живот - вели тој.

ikigai
Фото: Freepik

Преминете на дела

Да го знаете вашето икигаи не е доволно.

- Икигаи значи и акција - вели 92-годишната Томи Менаку. Нејзиното икигаи е танцување и пеење со колегите од танцовата група „КБГ84“.

Во култура каде што вредноста на тимот ја надминува индивидуалната вредност, јапонските работници се мотивирани кога знаат дека се корисни за другите, дека се ценети од колегите, вели Тошимицу Сова, извршен директор на консултантската фирма за човечки ресурси „Jинзаи Кенкиушо“.

Генералниот менаџер на компанијата за регрутирање директори „Пробити глобал срч“, Јуко Такато, ги поминува деновите со висококвалификувани луѓе кои сметаат дека работата е икигаи и, според неа, сите тие имаат едно заедничко: тие се мотивирани и не им треба многу за да се впуштат во акција.

- Ако сакате да отворите компанија, но се плашите да нурнете во непознатото, одете и видете некој што веќе прави нешто слично на она што сте го замислиле. Кога ќе ги видите вашите планови во акција, тоа ќе ви даде доверба дека и вие можете да го направите истото - вели Такато.

Збогатете го вашето икигаи

Одењето во пензија може да ви донесе огромно чувство на губиток и празнина, особено за оние што го нашле нивното икигаи во работата.

Ова може да биде особено точно за спортистите кои имаат релативно кратка кариера.

Даи Тамасуе, шампион на трки со пречки, кој се повлече од спортот во 2012 година, во едно интервју рече дека основното прашање што си го поставил кога се пензионирал било: „Што сакав да постигнам со спортувањето?“

- За мене, она што се обидував да го постигнам беше да ги сменам перцепциите на луѓето - вели Даи.

Приказната на Тамасуе ја покажува променливата природа на икигаи и како може да се примени.

Ако станете свесни за овој концепт, може да ви помогне да живеете поисполнет живот.

Извор: B92.net
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот