X
 17.12.2021 Живот

Природно-математичкиот факултет одбележа 75 години постоење

Природно-математичкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) одбележа 75 години од основањето. По повод Денот на факултетот, вчера беше одржана пригодна свеченост. Еден дел од настанот се одвиваше на хибриден начин со физичко присуство, со ограничен број поканети гости, а имаше можност и да се следи онлајн.

На свеченоста се обрати деканот, проф. д-р Александар Скепаровски, а обраќање имаше и ректорот на УКИМ, проф. д-р Никола Јанкуловски.

- По повод јубилејот, им доделивме плакети на претставници на институции и на фирми со кои тесно соработуваме. Доделивме и плакети на здруженија на граѓани, односно на друштва на физичари, хемичари, математичари поради нивната активна улога во промоцијата на науките кои ги покрива ПМФ. Најактивната улога во тие здруженија ја имаат професори од ПМФ, но во нив се и вклучени физичари, математичари од цела Македонија. Тие подготвуваат ученици, организираат натпревари, ја популаризираат науката, а добар дел од друштвата исто така организираат и научни конференции и издаваат научни списанија. Ценејќи ја таа нивна улога, одлучивме да им доделиме признанија - вели проф. д-р Скепаровски.



Како што потенцира, статистиките покажуваат дека ПМФ е меѓу првите по бројот на објавени научни публикации.

- Се објавуваат по 100 публикации годишно, а најголем дел од нив се објавени во списанија со фактор на влијание. Универзитетот „Стенфорд“ почна да објавува листа со највлијателни научници во светот, и лани и сега меѓу шесте научници од Македонија тројца се од ПМФ, а тоа се професорите Иван Грозданов, Трајче Стафилов и Валентин Мирчевски - нагласи деканот.

Природно-математичкиот факултет е еден од најстарите факултети во чии рамки функционираат шест институти - Институт за биологија, Институт за географија, Институт за математика, Институт за етнологија и антропологија, Институт за физика и Институт за хемија. Во рамки на ПМФ функционира и сеизмолошка опсерваторија, која исто така е на ранг на институт, иако не е наставна база, туку е една од внатрешните единици на факултетот.




Фото: pmf.ukim.edu.mk
Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот