X
 06.10.2025 Наша тема

„Би сакал да се развијат науката и хемиското инженерство во Македонија“, вели Кирил Христовски, добитник на „Инженерски прстен“

План му е да ги заврши магистерските студии и во меѓувреме да учествува во повеќе научни проекти за да стекне искуство во научната работа. Во иднина сака да работи научна или инженерска работа што ќе му овозможи да истражува или да дизајнира

Неодамна14 најуспешни дипломирани инженери од државата ја добија престижната награда „Инженерски прстен“. Од нив 9 се од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје. „Инженерски прстен“ е уникатно признание во регионот, но и многу пошироко, што овозможува преку наградување на најдобрите дипломирани студенти да се промовираат инженерството и науката како стожери за развојот на општеството. Ова признание е етаблирано од страна на Инженерската институција на Македонија и од 2003 година го доделува претседателот на државата во соработка со Комората на овластени архитекти и инженери.

Кирил Христовски дипломец на Природно-математичкиот факултет во Скопје, е еден од добитниците на признанието.

- Бидејќи науката е неисцрпен извор на информации, понекогаш како студент бев несигурен дали доволно сум научил. Секогаш кога ќе помислев уште колку работи треба да совладам за да стигнам до границите на современото знаење, тоа изгледаше недостижно. Оваа награда ми претставува доказ дека вложениот труд вредел и ми дава мотивација да продолжам понатаму со истото темпо - вели Кирил.



Најмногу го жртвував спиењето

Во основно завршил како одличен ученик, но фокусот му бил на спортот и медицината.

- Интересот за природните науки и математиката ми се разви во првата година од средното образование, откако добив неколку слаби оценки и тоа ме натера да навлезам подлабоко во материјата. Во средно учествував и на натпревари по математика и по хемија, кои ми создаваа слично чувство како спортските натпревари, па лесно се приврзав за нив. Бидејќи подобар успех имав во натпреварите по хемија, преку кои ги запознав и поголемиот дел од професорите на Институтот за хемија, одлучив студирам применета хемија на Природно-математичкиот факултет во Скопје. Успехот во студиите не го гледав како посебна цел, туку како дел од целта да станам научник, што обично доаѓа паралелно со високи оценки и многу вложен труд - изјавува Кирил.



Колегите со кои студирал и нивната љубов кон науката најмногу го мотивирале да се посвети на студиите.

- На Институтот за хемија чувството ми беше слично како во тимски спорт. Трудот кој го вложуваа другите студенти ме тераше и мене да се внесам повеќе во студиите. Дипломирав со просек 9,88. Како дел од генерација што започна со настава во пандемијата, имав одредени тешкотии на почетокот, главно во комуникацијата при одвивањето на онлајн наставата. Положувањето на испитите со високи оценки не беше многу тешко, но одредени предмети беа потешки од други и бараа повеќе подготовка од поголем број извори. Најмногу го жртвував спиењето бидејќи никогаш не можеш да научиш сѐ и последниот ден пред испит максимално го користев времето, до последната минута. Фокусот ми беше и сѐ уште ми е на физичката хемија, конкретно во моментов примена на 2Д корелационата спектроскопија - споделува Кирил.

Потребно е да се вложат повеќе средства за проекти


План му е да ги заврши магистерските студии и во меѓувреме да учествува во повеќе научни проекти за да стекне искуство во научната работа. Во иднина сака да работи научна или инженерска работа што ќе му овозможи да истражува или да дизајнира.

- Би сакал да се развијат и прошират науката и хемиското инженерство во Македонија по примерот на земјите кои веќе го имаат постигнато тоа (Германија, САД, Јапонија, Кина...). Сведоци сме дека имаме потенцијал за тоа според одличните резултати на нашите средношколци на светските олимпијади, како и од достигнувањата на професорите од Природно-математичкиот факултет на светско ниво. Потребно е да се вложат повеќе средства за проекти, набавка на потребните инструменти и хемикалии за работа. Од друга страна, дипломираните студенти би ги охрабрил да ги применат инженерските вештини во реални проекти бидејќи традиционално многу повеќе се стремиме кон аналитика - ни посочува Кирил.



Го прашавме и дали планира да го надгради своето знаење надвор од границите на Македонија...

- За среќа, во денешно време најголемиот дел од литературата е достапна на интернет, па затоа не е нужно да се оди во странство за стекнување теоретски знаења. Во случај да имам потреба од практична обука за некоја конкретна техника што во нашата држава не се употребува, не ја исклучувам опцијата да одам надвор од државата - дополнува Христовски.

Фото: приватна архива

Оваа содржина е заштитена со авторски права. Фотографиите се од сопствени извори или од платени сервиси. Секоја употреба, копирање, преземање, репродукција или дистрибуција, целосна или делумна, без претходна писмена дозвола од редакцијата, е строго забранета и подлежи на законска одговорност. Бесплатно преземање е можно само на првата третина од текстот, со јасно наведен извор и линк до изворниот текст во првата реченица од текстот. Факултети.мк ги почитува професионалните/етичките стандарди, Кодексот на новинарите и Принципите на Меѓународната федерација на новинарите.
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема