Битолчанката Душица Брачиќ заврши со просек 10 на Институтот за етнологија и антропологија и беше прогласена за најдобар студент на Природно-математичкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, во декември минатата година, кога установата славеше 78 години постоење. Таа вели дека во општествено-хуманистичките науки наместо учење напамет, важно е активно применување на знаењето во секојдневните аспекти од животот.
- Учев со голема љубопитност, мислам дека тоа чувство ми помогна на крај да дипломирам со висок просек. Преферирам да учам редовно, но покрај тоа, потребна е добра организација на ниво на една академска година, критичко размислување и разменување идеи со други за дадениот материјал. Во деновите пред испит најмногу се фокусирав да ја анализирам релевантноста на материјалите во контекст на нашето време и/или општество. Сметам дека тоа е особено важно за општествено-хуманистичките науки, каде што наместо учење напамет, потребно е активно применување на знаењето во општествените, економските, политичките, културните, институционалните и секојдневните аспекти на нашето живеење - вели Брачиќ.
Среќата кај младите во фокусот на нејзините истражувања
Таа е задоволна од квалитетот на студиската програма на која дипломира. Вели дека имало многу моменти што ѝ оставиле спомени зашто на Институтот секогаш нешто се случувало. Професорите активно ја популаризирале науката, што резултирало со создавање на Етноклубот – простор каде што секој петок се одржувале настани и студентите од ПМФ имале можност за дружење и размена на идеи. Често се организирале предавања од странски експерти, па студентите имале можност да видат и поинакви перспективи во научните дисциплини. Наставниот кадар на Институтот активно соработувал со студентите, кои редовно биле вклучувани во многу проекти. Преку ова искуство, смета Брачиќ, лесно се стекнале практични вештини и јасна претстава за работата на етнолозите и антрополозите. Во текот на студиите интензивно работеле на дигитализација на многубројни списанија од областа на етнологијата, антропологијата и културното наследство. Таа вели дека студиската програма опфаќа широк спектар на теми од двете науки, овозможувајќи му на секој студент да го пронајде својот академски фокус.
- За среќа, и покрај ограничувањата предизвикани од пандемијата, бидејќи студирав во тоа време, Факултетот организираше теренски истражувања во последните две години од студиите. Така посетив неколку горански села: Шиштавец во Албанија и неколку во Косово. Освен овие организирани истражувања, нашите професори нè поттикнуваа да спроведуваме сопствени. Мојот истражувачки интерес беше насочен кон урбаните средини, пред сè, со младинската популација. Истражував за спортски навивачи, маргинализирани заедници, за детството во неколку региони на Македонија, студентскиот живот, а особен интерес за време на студирањето ми беше анализирањето на среќата и стравот во различни временски и општествени контексти, од каде што произлезе и идејата за мојот дипломски труд - антропологија на емоции со фокус на среќата кај младите - додава Брачиќ.
Примената на антропологијата и етнологијата му дава човечност на светот
Таа моментално работи како демонстратор на Институтот каде што дипломира, а паралелно ги следи и постдипломските студии. Иако во Македонија има ограничени размислувања за тоа што може да се работи со оваа професија, таа ги советува идните студенти повеќе да се фокусираат на вештините и знаењата што ги нудат овие науки и како да ги применат во најголемите индустрии моментално на глобално ниво.
- Антропологијата и етнологијата нудат можност за детално анализирање на општеството користејќи квалитативни методи, а од нив прават процена за најдобри решенија, со чие имплементирање му се дава човечност на светот. Сепак, мислам дека за ова треба да постои голема амбиција, која ќе ја надвладее секоја предрасуда и ќе биде двигател на новитети во етнологијата и антропологијата во државата, па и пошироко. За мене, ова моментално е најголемиот предизвик на кој сакам да работам - па така правам паралели со сферата на човечки ресурси - додава Брачиќ.
Во овој период од животот не размислува за заминување или воопшто кажување „збогум“, особено на места и луѓе со кои вели дека има толку мили спомени. Додава: „Она што сакам да го работам и ме привлекува да го истражувам моментално можам да го видам и да го направам само во Македонија“.
Да не се фаворизира културно наследство според политички и национални контексти
Според Брачиќ, етнолошкото културно наследство во Македонија се наоѓа во некоја тмурна сенка и жали што се прави фаворизацијата на дел од него поради политички причини.
- До неодамна (а можеби и сѐ уште) предметите што беа класифицирани „само како етнологија“ беа со пејоративна конотација. Во државата има одредено фаворизирање на тоа кое културно наследство е „вредно“, „достоинствено“, а тоа секогаш е испреплетено со политички и национални контексти. Многу од етнолошките предмети и нематеријални добра не добиваат соодветна институционална поддршка. Ова доведува до постепено исчезнување на значаен дел од нашето (живо) наследство – било преку заборав, несоодветно или неможност за документирање, или недостиг на иницијативи за зачувување и популаризација - смета Брачиќ.
Ќерка е на Наде Геневска-Брачиќ, експерт по етнологија од Заводот и музеј - Битола
Инаку, таа е ќерка на познатиот етнолог Наде Геневска-Брачиќ, кустос-советник во битолскиот Завод и музеј, долгогодишен експерт од областа на етнологијата во Македонија, добитник на многубројни награди, позната е по тоа што се залага за промоција на народната и градската македонска облека низ државите на Балканот, па и пошироко.
Интересот кон разновидноста на културите се појавил и кај нејзината ќерка Душица. Таа вели дека еден од првите спомени од детството ѝ е гледањето на документарниот филм без нарација „Барака“, кој прикажува различни аспекти од човечкото искуство. Потоа ги прелистувала книгите што ги имале дома поврзани со религија, народно верување и симболика. Толку ја инспирирале, што пишувала и театарски претстави базирани на нив. Нејзината мајка често ѝ зборувала за нејзиниот омилен антрополог Клод Леви-Строс. Во тој период многу разговаравме за етнологијата и антропологијата, па така, многу едноставно ѝ дошла идејата дека етнологијата и антропологијата ќе ѝ бидат животна професија.
Фото: приватна архива