X
 15.01.2018 Наука

Река што врие - убива сѐ што ќе падне во неа


Реката што врие во Амазон
(Фото: Devlin Gandy)


Звучи како легенда што им се раскажува на децата, но оваа река навистина постои. Кога Андрес Рузо растел во Лима, Перу, неговиот дедо му раскажувал неверојатна приказна за древниот изгубен град од злато во амазонската прашума, како и за мистичната река чија вода врие поради високата температура. Кога пораснал, Рузо станал геотермален научник и одлучил да го истражи митот што го слушал како дете.

Тој собрал научници кои со внимателно истражување на картите утврдиле голем број геотермални извори – многу повеќе од очекувањата од место кое не е познато по вулканска активност, пишува Curiosity.

Рузо одлучил да замине во џунглата во потрага по реката. Откако ја пронашол, најпрво утврдил дека речната вода иако била жешка, сепак не вриела. Измерената температура изнесувала околу 93 Целзиусови степени, со некои варијации во текот на денот.

Таа температура е доволна над реката да се подигне пареа, но и да убие секакво живо суштество што ќе влезе во реката, па затоа и веројатно станала предмет на страхопочит кај изолираните народи и племиња што живееле на тие простори.

Постојат различни објаснувања за високата температура на речната вода. Според една теорија, високата температура најверојатно се должи на некаква вулканска функција, односно е резултат на претходно незабележани теченија на магма.

Друга хипотеза вели дека температурата е резултат на катастрофа – како, на пример, верижна подземна реакција која е покрената од некоја од блиските нафтени компании. Оваа теорија не е многу веројатна затоа што записите за реката што врие постојат веќе неколку стотици години. Друга веројатна можност која не е во врска со вулканските активности е дека водата доаѓа од длабочините на Земјата, каде што температурата на водата природно е екстремно висока, но научниците не можат со сигурност да го докажат овој импресивен и многу опасен природен феномен.

Погледнете го видеото:


Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука