X
 21.01.2018 Живот

Зошто Норвешка со години е најдобра земја за живот?

Норвешка
Фото: Chrstina Ckreberg

Кога Симон и Џули го добиле своето прво дете Хенинг, и двајцата зеле неколку месеци родителско отсуство за да бидат дома со своето бебе, еден дел од времето заедно, а друг наизменично. Истото го направиле и две години подоцна кога се родила помалата сестра на Хенинг, Инез, а потоа се родил и Аксел, кој сега има две години.

Семејството Иргенс уживало вкупно три години платено родителско отсуство.

„Ми беше особено важно тоа време да го поминам со децата од самиот почеток. На сите ни беше важно“, вели Симон, дански архитект кој се преселил во Норвешка, татковината на неговата сопруга Џули, во 2011 година. „Тоа ми даде можност да се поврзам со нив уште на самиот почеток; тоа нè направи рамноправни родители уште од раната фаза на нивниот живот“, вели Симон.

И двајцата родители се во интензивен период од животот - работата и децата, но велат дека имаат поддршка на работа.

„На нашето работно место постои заедничко разбирање дека децата и семејството се на прво место. Во 15:30 оставам сè и одам да ги преземам децата. Мислам дека фирмите не би ги привлекле најталентираните луѓе доколку не би понудиле ваков вид флексибилност“, вели Џули, која е писател.

„Со задоволство плаќам данок. Толку многу добивам за возврат. Навистина имам чувство дека норвешкото општество вложува во нас“, вели Симон.

Силната социјална заштита во Норвешка, која вклучува дарежлива политика за породилно отсуство, е клучна причина поради која оваа држава со само 5 милиони жители редовно е оценувана како едно од најдобрите места за живот.

Норвешка се најде на врвот на Извештајот за среќа спроведен од ОН во 2017 година, со високи оцени кога станува збор за показатели како нега, слобода, дарежливост, искреност, здравје, приходи и добро управување. Исто така, Норвешка се најде на високо место на Индексот за просперитет за 2017 година спроведен од институтот „Легатум“, а во 2016 година беше оценета како најдобра демократија во светот, шестпати по ред од страна на консултантската компанија од Лондон, „Економист интелиџенс јунит“.

„Повеќето луѓе чувствуваат дека се дел од демократијата и имаат чувство за заедништво во општеството. Норвежаните ги доживуваат своите политичари како обични луѓе, а не како елита“, вели Карл Ове Моене, професор по економија и лидер на истражувачкиот тим на Универзитетот во Осло.

10 години наназад Моене се занимава со истражување на нордискиот модел - економска рамка заедничка за Норвешка, Данска, Шведска, Финска и Исланд што се залага за социјална еднаквост. „Раната интервенција во грижата за децата е доста важна за учество на женската работна сила“, вели тој.

norveska

Политиката наклонета на родителството е само еден дел од благосостојбата на норвешката држава. Сите се покриени со здравствено осигурување - тоа значи дека имаат бесплатна здравствена заштита во амбулантите - државата нуди бесплатни училишта и високо образование, а работничките правила и синдикатите се силни. Ако ја изгубите работата или се разболите, социјалниот систем ќе ве заштити, а владата ќе ви овозможи финансиска поддршка подолга од една година.

Една третина од државниот буџет, 468 милијарди круни, се одделува за помош на невработените, платените боледувања, пензиите, детскиот додаток и туѓата нега.

Секако, ваквата политика е скапа. Норвешка поседува огромно богатство стекнато од заработката од нафтата. Исто така, даноците во оваа држава се високи. Но Норвешка има една од највисоките плати на светот, а има и добри оцени кога станува збор за еднаква плата за мажите и жените.

Норвешка не е утопија, и таа има свои социјални и еколошки проблеми.

Иако е пофалена поради еколошките достигнувања - 98 отсто од електричната енергија во Норвешка доаѓаат од обновливи извори (главно хидроцентрали), иако е светски лидер кога станува збор за електрични автомобили, сепак, Норвешка е седми најголем извозник на штетни емисии, според извештајот на организацијата „Оил чејнџ интернешнл“. Исто така, владата го отвори норвешкиот Арктик за барање нафта и покрај противењето од страна на еколозите.

Бројот на луѓето што живеат во сиромаштија е во пораст, од 7,7 отсто во 2011 година на 9,3 отсто во 2015 година, според неодамнешното истражување спроведено од норвешката администрација за работа и социјална заштита.

„Богатите станаа побогати, додека популацијата со ниски примања стагнира. Тоа е поради зголемениот број на доселеници, поради миграцијата на работникот и поголем прилив на бегалци. Оваа популација има послаба позиција на пазарот на трудот од родените Норвежани“, вели Јингвар Асхолт, директор на Одделот за истражување и анализа при норвешката администрација.

Исто така, порасна и антимигрантското расположение во изминатите неколку години. На изборите во 2017 година популистичката Партија за прогрес добила повеќе од 15 отсто од гласовите за да остане во коалиција со конзервативната партија на премиерката Ерне Солберг.

Во саботните попладневни часови куќата на семејството Иргенс е исполнета со семејството, пријатели и деца. Огнот гори, некој игра монопол, а друг прави леб од ѓумбир.

Ова е вообичаена карактеристика за скандинавскиот начин на живот: дружење со семејството и пријателите покрај огнот. Постои и збор „hygge“ што може да се преведе како удобност, пријатност, топлина, заедништво, опуштеност. Овој скандинавски збор се најде и во речникот на „Оксфорд“ по англиски јазик.

Факти за Норвешка


Население: 5,25 милиони
БДП по глава на жител: 70.812 долари
Породилно отсуство: 49 недели со 100 отсто плата или 59 недели со 80 отсто плата
Данок како процент од БДП: 19,7 отсто
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот