X
 05.03.2018 Образование

Што ќе научат второодделенците од приказната „Мара пепелашка“?

Која е поуката од оваа приказна и зошто децата го учат токму овој текст? Покрај зададените вежби, што треба да заклучат осумгодишните деца? Дека девојчето се трудело многу и не направило ништо погрешно, но сепак добило казна?! Колку е соодветен овој текст, дури и да е на ниво на бајка или басна?


Текстот во учебникот по македонски јазик за второ одделение

Мара пепелашка ја прашала мајка си дали може да ја земе волната и да преде заедно со другарките. Мајка ѝ ѝ дозволила, но ѝ нагласила дека ако не ја испреде цела волна, „ќе се стори крава“. Девојчето предело, предело цел ден, но не успеало да ја испреде сета волна. Кога се вратила дома, тропала на врата, но никој не ѝ отворал. Кога ја викнала мајка си, слушнала само - муу-уууу.

Ова е суштината на приказната „Мара пепелашка“ во учебникот по македонски јазик за второ одделение. Под приказната пишува дека станува збор за извадок од македонска народна приказна според која второодделенците треба да вежбаат и да раскажуваат дејство - што се случило, кој отишол и каде, да оценат што е вистинито, а што е измислено во приказната.

Прашањето е – која е поуката од оваа приказна и зошто децата го учат токму овој текст? Покрај зададените вежби, што треба да заклучат осумгодишните деца? Дека девојчето се трудело многу и не направило ништо погрешно, но сепак добило казна?! Колку е соодветен овој текст, дури и да е на ниво на бајка или басна?


Илустрацијата на приказната

Од Министерството за образование и наука велат дека за соодветноста на наставните планови и програми одговорно е Бирото за развој на образованието. За соодветноста на текстовите, одговорна е рецензентската комисија (составена од универзитетски професор од соодветната област и двајца наставници со долгогодишно искуство во воспитно-образовната дејност), која се формира за секој учебник одделно. Тоа подразбира нивна оцена на соодветноста на учебникот кој е наменет за соодветна возраст на учениците, како и за начинот на кој е напишан соодветниот учебник.

- Посочениот учебник по македонски јазик за второ одделение е одобрен на 13.08.2008 година и зачудува фактот што досега никој не се изјаснил или пожалил во однос на содржинскиот дел на приказната, лекторските грешки или воопшто за содржината на учебникот. Но, исто така е вредно да се напомене дека јавноста ги поддржува и поздравува напорите на Министерството за образование и наука да направи ревизија на учебниците, што е показател дека јавноста не е задоволна од квалитетот на учебниците – велат од МОН.

Тие додаваат дека водејќи се од начелото „квалитетни учебници за учениците“, МОН предложило измени и дополнување на постојниот Закон за учебници.
- Целта на измените и дополнувањата на Законот за учебници за основно и за средно образование е подобрување на квалитетот на учебниците, давање можност за осовременување на одобрените учебници за употреба во основните и во средните училишта, како и подобрување на постапките за одобрување за употреба на учебниците – велат од МОН.


МОН најави дека учебниците ќе се менуваат

Се очекува новите измени да ги подобрат процедурите и постапките за набавка и обезбедување учебници за учениците во основните и во средните училишта со цел да се обезбеди, пред сè, квалитет на содржините низ учебниците, почитувајќи ги начелата на современото живеење, како и можност за „отворен пазар“ за сите страни инволвирани во процесот на создавање учебници.

- На интернет-страницата на МОН е поставен прашалник за квалитетот и соодветноста на учебниците што се користат во основното и во средното образование. Целта е да се утврдат и отстранат грешки и несоодветни содржини. Резултатите од забелешките на наставниците и од сите вклучени во воспитно-образовната дејност во земјава ќе бидат земени предвид. Ако се утврди дека станува збор за суштински забелешки, тие бидат земени предвид. Во тек е креирањето на новите наставни планови и програми од 1. до 3. одделение, кои предвидуваат многубројни измени и подразбираат ревизија на учебниците кои ќе соодветствуваат на целите на новите наставни програми – велат од МОН.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование