X
 19.11.2025 Образование

УКЛО КОЛОРС - Хакатон за иновации и паметни решенија за современите предизвици

Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, дел од Европската универзитетска алијанса КОЛОРС, ги мобилизира своите ресурси, знаење и партнерства за претстојниот хакатон што ќе се одржи на 24, 25 и 26 ноември 2025 г. во хибриден формат, замислен како простор на здружување на иновации, младешка енергија и мултидисциплинарен пристап во третирање реални општествени и еколошки предизвици. Ова е првиот од серија хакатони што секоја година ќе се одржуваат како специфични, коорганизирани од студенти, интердисциплинарни и интернационални, под називот COLOURS student-led hackathons. 

Подготвително, УКЛО КОЛОРС студенти и кадри годинава присуствуваа и учествуваа во неколку хакатони кај партнерите во КОЛОРС, со цел да добијат искуства од прва рака за колоритно-специфичниот пристап на новите хакатони и нивната поврзаност со колабораториумите на КОЛОРС и со Студентскиот центар за претприемништво. Сето тоа се надоврзува на огромното искуство што УКЛО кадрите го имаат во организација на хакатони, што беше вградено и во протоколите за дизајн на КОЛОРС хакатоните.

Со наслов - Мултидисциплинарни предизвици на тројната транзиција: социо-економски, зелени и дигитални, хакатонот ќе се реализира на две локации: првиот ден 24 ноември, во CoSpace OFFICE на УКЛО КОЛОРС сместена во Студентскиот информативен центар (СИЦ), вториот и третиот ден, 25 и 26 ноември, на Факултетот за информатички и комуникациски технологии - Битола. Хакатонот опфаќа три предизвици: намалување отпад од храна и циркуларна економија, ефикасно користење на енергија и можности за обновливи извори на енергија, како и унапредување на социјалната инклузија. Учесниците, меѓу кои и заинтересирани средношколци, ќе работат во тимови, ќе развиваат креативни решенија и ќе имаат можност да слушнат мотивациски говори од стартап-основачи, експерти, инкубатори и фондации кои поддржуваат иновативни идеи. Преку сесиите, ќе научат како да креираат буџет, да подготват презентација и да ја претстават и образложат својата идеја пред седумчлено жири составено од експерти од клучните области релевантни за овој хакатон – од сите четири хеликси на проектот: бизнис-секторот, јавниот сектор, академската заедница и граѓанскиот сектор.

1

Хакатонот, покрај во Колаборативниот простор на УКЛО, ќе се одвива и на Факултетот за информатички и комуникациски технологии – Битола и ако дозволат временските услови и на повеќе локации низ градот, како дел од пошироката рамка на иницијативите на Алијансата КОЛОРС.

Професорката Мимоза Богдановска Јованоска, раководителка на Коспејс центарот, го истакнува моментот дека темите од зелената и дигитална транзиција, социо-економска правда, храна и земјоделие се актуализираат низ призмата на интердисциплинарност и соработка. Во таа смисла, целта на хакатонот не е само натпреварувачка, туку и исклучително едукативна и акциска – платформа преку која студентите, наставниот кадар и експертите од различни области имаат можност да развиваат идеи со потенцијал за реална примена.

Академската раководителка на УКЛО КОЛОРС, проф. д-р Рената Петревска Нечкоска, посочува дека хакатонот е важен чекор кон конкретизирање на долгогодишните заложби за отвореност, применливо знаење и општествена одговорност во високото образование. Со оглед на интересот, особено меѓу студентите на УКЛО, средношколци, асоцирани партнери и од мрежата на КОЛОРС, се очекува настанот да прерасне во иновативен хаб за младинско учество и трансфер на знаење – токму во духот на модерниот, ангажиран универзитет. А тројната транзиција како принцип е интересна, но и тешко применлива, бидејќи тимовите треба да имаат компетенции и пристап од повеќе дисциплини. Но, тоа е патот по кој се дизајнираат вистински решенија што ќе направат позитивна промена и ќе вградат кокреација наместо изолација.

Хакатонот е отворен за сите што веруваат дека решенијата за утре се создаваат денес. УКЛО КОЛОРС најавува и очекува три хакатонски дена исполнети со креативност, тимска работа и иновации.

(Комерцијална објава)
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование