X
 06.03.2018 Живот

Немеза, диносаурусите и Македонија

„Проблемот на најголемиот број луѓе не е толку во нивното незнаење, колку во она што тие мислат дека го знаат, а во суштина не е точно.“ (Џош Билингс)

Немеза, Немесис или Немесида е ќерка на божицата на ноќта Никта и богот на темнината Ереб, таа е божица на одмаздата и казнувањето по заслуга. Таа е персонификација на праведната борба, на борба против сè што го нарушува редот и рамнотежата во природата. Тоа е истата Немеза што го казнила и убавиот Нарцис. Таа ги менува судбините на луѓето и ги опоменува за умереност.



Но, Немеза е и ѕвезда која има сериозна улога во научната теорија, особено во теоријата за изумирањето на диносаурусите. Оваа теорија зборува за Сонцето и Немеза како двојна ѕвезда. Објавена е во научното списание “Science” со напомена на авторот: „Доколку оваа ѕвезда се открие, предлагаме да ѝ се даде името Немеза, по божицата која ги прогонува оние што се без мерка богати, горди и моќни“.

Немеза е и книга за науката која на еден од најдобрите начини ја опишува уметноста на науката. Во 1979 г., Луј Алверез открил што ги убило диносаурусите. Иако бил јавно дисквалификуван и прогласуван за „лудак“, сепак, тој е добитник на Нобеловата награда за физика.

Пред крајот на златното време на диносаурусите, еден астероид или комета со пречник од 8 километри (приближна големина на Монт Еверест) се насочил директно кон Земјата со брзина од околу 32 километри во секунда, што е 10 пати побрзо од најбрзите проектили. Астероидот удрил во Земјата со таква сила, што сè нагло се загреало до температури од над милион Целзиусови степени, што е неколку стотици пати повеќе од температурата на површината на Сонцето. Астероидот направил (ако паднал во океан) водата да испари во моментот. Ослободената енергија била поголема од 100 милиони мегатони ТНТ, или 100 тератони, над 10000 пати повеќе од целокупниот нуклеарен арсенал на САД и Русија.

Се создала прашина која се раширила во целиот свет. Суштествата што преживеале веројатно си мислеле дека ноќта стигнала прерано, и тоа ноќ без месечината и ѕвездите. Диносаурусите не можеле да си ги видат ниту своите канџи. Утрото стигнало дури после неколку месеци.

Речиси сите животни и растенија биле мртви. Тримесечен период на темнина и ладно бил пресуден за исчезнувањето на сè од Земјата. Чудо ако се одржал некој облик на живот. Во суштина, исчезнале речиси сите копнени животни потешки од 25 кг, веројатно тие биле најранливи поради високото место во синџирот на исхраната. Диносаурусите исчезнале засекогаш и на копното и во морето.

Најблиските роднини на диносаурусите што преживеале биле птиците. Сепак, тоа се од оние карактери на суштества кои и кога тонат, тонат во височина. Диносаурусите сепак исчезнале достоинствено, не се согласиле да станат глувци, само за да јадат сирење.

Преземено од блогот на д-р Кирил Барбареев Еуритмија
Подготвил: проф. д-р Кирил Барабареев

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот