X
 29.03.2018 Економија

Секој седми жител на ова место е милионер


Хонгконг ноќе
(Фото: Pixabay)


Хонгконг во 2017 година го забележа милионитиот милионер, што претставува зголемување од 15 проценти во споредба со минатата година.

Како што „Бизнис инсајдер“ го пренесува истражувањето на „Ситибенк“, студијата која била спроведена од септември до ноември минатата година ги дефинирала милионерите како лица што поседуваат ликвидни средства – депозити, заеднички фондови, акции и обврзници – во износ од најмалку милион хонконшки долари.

Во студијата биле вклучени повеќе од 4.100 лица. Ако се земе предвид дека во Хонгконг живеат 7,36 милиони жители, тогаш податокот дека има милион милионери значи дека секој седми жител на овој град е милионер.

Порастот на бројот на милионери е последица од зголемената вредност на акциите и пазарот со недвижности минатата година. Индексот „HANG SENG“ пораснал за 36 проценти во 2017, додека цените на имот пораснале за 14 проценти, создавајќи повеќе богаташи во Хонгконг.

„Бројот на милионери ќе продолжи да се зголемува и во 2018 година“, изјави Лоренс Лем, шеф за граѓанско банкарство на „Ситибенк“.

Треба да се знае и дека милион долари во Хонгконг не значат и поседување голем имот во градот.

Минатата недела стан од 20 квадратни метри, незначително поголем од стандарден контејнер за прекуокеански превоз, во регионот Пок Фу Лам беше продаден по цена од  37.651 хонконшки долар за квадратен метар, што е рекордна цена за таканаречените „микро“ станови во градот.

Најбогатите луѓе таму имаат повеќе прекуморски имоти од своите кинески партнери. Друга голема инвестиција се берзата и готовината.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија