X
 18.01.2022 Живот

По 77 години откриено кој го предал семејството на Ана Франк

Нова истрага идентификува осомничен кој можеби ги предал Ана Франк и нејзиното семејство на нацистите.

Ана Франк почина во нацистички концентрационен логор во 1945 година, на 15-годишна возраст, по две години криење.

Нејзиниот дневник, објавен по нејзината смрт, е најпознатиот извештај од прва рака за животот на Евреите за време на војната.

Тим, вклучително и поранешен агент на ФБИ, открил дека Арнолд ван ден Берг, Евреин во Амстердам, веројатно го предал семејството Франк за да го спаси сопственото семејство. Во тимот учествувале и историчари и други експерти, и сите тие поминале шест години користејќи современи истражни техники за да го расчистат случајот. Тоа вклучувало користење компјутерски алгоритми за пребарување врски помеѓу различни луѓе, нешто што на луѓето би им одзело илјадници часови.

Ван ден Берг бил член на Еврејскиот совет во Амстердам, тело принудено да ја спроведува нацистичката политика во еврејските области. Бил распуштен во 1943 година, а неговите членови биле испратени во концентрациони логори.

Но, тимот открил дека Ван ден Берг не бил испратен во камп, туку живеел во Амстердам во тоа време. Имало и информации дека член на Еврејскиот совет им давал информации на нацистите.

- Кога Ван ден Берг ја изгубил својата заштита од концентрационен логор, тој морал да им обезбеди нешто вредно на нацистите со кои имал контакт за неговото семејство да биде безбедно - вели Винс Панкоке, поранешен ФБИ-агент.

Тимот изјави дека се борел со откритието дека друг Евреин најверојатно бил предавникот. Исто така, тимот пронашол докази што сугерираат дека Ото Франк, таткото на Ана, веројатно и самиот го знаел тоа и го чувал во тајност.

Во досиејата на претходниот истражител, тимот пронашол копија од анонимна белешка испратена до Ото Франк во која се идентификува Арнолд ван Ден Берг како негов предавник.

Панкоке вели дека антисемитизмот веројатно е причината што никогаш не било објавено.



- Можеби тој сметал дека ако го објави ова, дополнително ќе ги искомплицира работите. Но, мораме да имаме на ум дека фактот што Берг бил Евреин значел дека нацистите го ставиле во неодржлива позиција за да направи нешто за да си го спаси животот - вели Панкоке.

Ван ден Берг починал во 1950 година.

Од музејот на Ана Франк изјавија дека се импресионирани од работата на истражниот тим. Извршниот директор Роналд Леополд додаде дека новото истражување успешно генерирало важни нови информации и фасцинантна хипотеза што заслужува понатамошно истражување.

Во моментов Холандија е поларизирана земја, сведок на охрабрена екстремна десница. Ана Франк останува потсетник на угнетувањето и предрасудите нанесени на делови од холандското општество во не така далечното минато и предупредување за тоа што може да стане со нацијата преплавена од фашисти.

Иако сè уште постои одреден степен на скептицизам и признание дека можеби никогаш нема да го дознаеме вистинскиот идентитет на предавникот, оваа приказна служи како предупредување - лекција за што може да биде способно човештвото во своето најтемно време.

Извор: ВВС
Фото: Ann Frank Museum
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот