X
 18.02.2025 Живот

Утринскиот оптимизам не е мит: Работите навистина изгледаат подобро наутро

Многу луѓе кога сакаат да утешат блиска личност, велат: „Утре ќе биде подобро“. Сега научниците потврдија дека ова не е утешна фраза, туку е вистина.

Големо истражување покажа дека наутро луѓето се чувствуваат најдобро.

Биле анализирани податоци од 49.218 возрасни лица, собрани во рамките на социјално истражување за ковид-19 на Универзитетскиот колеџ во Лондон. Истражувањето се спроведувало од март 2020 до март 2022 година.

Резултатите покажаа дека испитаниците најчесто се буделе со чувство на општа благосостојба, но како што поминувал денот, нивното расположение постепено опаѓало. До полноќ, најчесто изјавувале дека се чувствуваат најлошо.

Истражувачите откриле дека расположението се менува и во зависност од сезоната. Потврдено е дека во летните месеци луѓето се чувствуваат значително подобро и ментално и физички, за разлика од зимскиот период.

Според истражувањето, постои врска помеѓу доброто расположение и одредени денови од неделата. Испитаниците најчесто биле најсреќни во вторник, додека оцените за среќа, задоволство од животот и смислата на животот биле највисоки во понеделник и петок, а најниски во недела.

Научниците сметаат дека овие промени се поврзани со физиолошки процеси во телото. Хормонот кортизол, кој има клучна улога во управувањето со стресот, ги регулира расположението, мотивацијата и стравот. Неговото ниво е највисоко наутро, веднаш по будењето, а најниско навечер, пред спиење.

Токму затоа, истражувањето објавено во стручното списание „Би-ем-џеј ментал хелт“ го потврдува заклучокот дека работите навистина изгледаат подобро наутро.

Извор: Zimo.dnevnik.hr
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот