X
 09.05.2024 Наука

Ова е најлошиот дел од денот, открива истражување

Откриено е најлошото време од денот и тоа не е баш изненадување.

Во студија спроведена на повеќе од 2.500 испитаници, истражувачите од Универзитетот во Мичиген и „Дартмут Хелт“ откриле дека 5 часот наутро е дефинитивно најтешкото време за повеќето луѓе. Тоа е време кога луѓето го пријавиле своето најниско расположение, во споредба со 17 часот, кога, напротив, биле најсреќни.

Дополнителни фактори што го нарушуваат расположението

Но, ова не е само прашање на тоа колку сте спиеле. Дури и ако сте се разбудиле во исто време како и вашиот сопатник, расположението сепак е полошо за оние што останале будни подолго. Д-р Бен Шапиро од „Дартмун Хелт“ објаснува:

- Расположението флуктуира природно, достигнувајќи го најниското ниво во раните утрински часови и достигнувајќи го својот врв навечер, без оглед на тоа колку сте спиеле. Но, недостигот на сон дополнително го намалува расположението. Затоа личноста која е цела ноќ будна, во 5 часот наутро би била полошо расположена од личноста која се буди во исто време. Сепак, гледајќи во еден типичен ден, расположението во 5 наутро ќе биде пониско отколку навечер.

Студијата користела податоци од „Фитбит“ (американска компанија за фитнес) од 2.602 медицински специјализанти во текот на две години. Користени се податоци за отчукувањата на срцето, чекорите, спиењето и дневните резултати на расположението. Значи, „Фитбит“ открива повеќе од само бројот на чекори - ги открива и тајните на нашето расположение.

Професорот Дени Форгер од Универзитетот во Мичиген, еден од авторите на студијата, истакнал:

- Откривме дека расположението го следи ритамот на нашиот внатрешен часовник и колку подолго остануваме будни, толку е посилно влијанието на тој часовник. Оваа студија ја нагласува важната улога на нашиот внатрешен часовник во нашето расположение и воведува технологија која овозможува да се истражат овие фактори на нов, возбудлив начин.

Но, студијата не е само за откривање колку сме навистина несреќни во 5 часот наутро. Таа, исто така, покажала дека расположението се влошува колку подолго остануваме будни. Ова има сериозни импликации за полето на менталното здравје.

- Полето на психијатријата веќе ја знае улогата на спиењето и деноноќниот ритам во менталното здравје, но овие наоди сега добиваат нова димензија со оглед на големиот број учесници и генерализирањето на секојдневниот живот - објаснил д-р Шапиро.

Затоа, следниот пат кога ќе се разбудите во 5 наутро и ќе почувствувате дека целиот свет е против вас, знајте дека не сте сами. Вашето расположение е само уште едно во низата што го следи внатрешниот часовник на телото, а можеби идните истражувања ќе помогнат да се најдат начини како да се отстрани овој утрински „темен облак“.

Извор: 24sedam.rs

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука