X
 18.03.2020 Живот

Основачот на „Алибаба“ донира медицинска опрема и тестови за коронавирус во Европа и во Африка

Иако пакетите порачани од „Али експрес“ веќе некое време не доаѓаат од Кина, тоа не значи дека цел свет застанал и дека Кина е целосно изолирана. Напротив, се појавуваат знаци дека таму помина пикот на епидемијата, па животот се враќа во нормала.

Основачот на „Алибаба“ и еден од најбогатите луѓе на светот, Џек Ма, одлучил да им помогне на другите региони во кои пикот на ширење на заразата допрва се очекува. Така, тој донира 2 милиона заштитни маски за лице што во наредните денови треба да бидат дистрибуирани до здравствените работници во Европа, при што првата пратка пристигна во Белгија, а ќе биде проследена во Италија, каде што ситуацијата е најтешка.

Во наредните денови ќе слета остатокот од донираната опрема на аеродромот во Лиеж. Токму овој аеродром наскоро треба да стане дистрибутивен центар за редовните пратки на „Алибаба“ кон Европа.

Хуманитарната фондација „Џек Ма“, на која Ма се посвети по пензионирањето од „Алибаба“, освен донацијата во Европа, ќе помогне во борбата против коронавирусот и во САД. Ќе им бидат доставени 1 милион заштитни маски за лице и половина милион медицински тестови за коронавирус.

Освен тоа, Ма рече дека ќе донира маски, тестови и заштитни костими до сите земји во Африка за да му помогне на континентот во борбата против коронавирусот.

Фондацијата на Ма ќе донира 1,1 милион тестови за вирусот, 6 милиони маски и 60.000 заштитни костими и штитници за лицето.

Фондацијата ќе работи и со локалните медицински институции во Африка за да обезбеди онлајн-материјал за обука за клинички третмани на коронавирусот.

- Сега исто како да живееме во иста шума што гори. Како членови на глобалната заедница, ќе биде неодговорно од нас да паничиме, да ги игнорираме фактите или да не дејствуваме. Сега треба да преземеме акција - изјави Ма.

Извор: Reuters | CNN
Фото: Instagram
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот