X
 19.03.2020 Здравје

Совети од психологот Марија Конеска за изолацијата и коронавирусот

Грижата за вашето здравје секогаш е на прво место! Но токму затоа не паничете и останете смирени


Имајќи предвид дека коронавирусот глобално се шири, изолацијата и карантинот за сите нас се новонастанати услови. Неизвесноста и лошите вести само го зголемуваат чувството на загриженост, страв, анксиозност и паника. Анксиозноста и паниката се нормални човечки реакции на страв, но тие можат да ги оневозможат нормалните и конструктивни реакции во кризни состојби. Луѓето што се поподложни на анксиознсот, чувство на страв или паника, многу потешко ја поднесуваат оваа ситуација со коронавирусот, вели психологот Марија Конеска. 

Таа предупредува дека, од друга страна, имаме и лица што не се загрижени и прават драстични чекори надвор од препораките: неодговорни, се движат во толпа луѓе без заштитни маски и ракавици, не внимаваат на личната хигиена и не се грижат што може да предизвикаат со тоа однесување кај другите околу нив.

- Тоа се случува некогаш како одбранбен механизам во вакви ситуации, некогаш како последица на паниката, па не знаеме што правиме и го правиме погрешниот чекор, и се случува кога ги занемаруваме или потценуваме реалните негативни состојби што ни се случуваат.

Затоа, сакам да испратам совети за самопомош, но и помош до сите вас:

- Грижата за вашето здравје секогаш е на прво место! Одржувајте ја хигиената на максимално можно ниво. Сите ние тоа го можеме тоа (да си ги миеме рацете често, по секој допир со други лица, со животни, површини каде што поминуваат многу луѓе, маркети, производи или носете медицински ракавици, носете маски со кои ќе се заштитите од луѓето покрај вас ако се заболени, мијте го лицето неколку пати во денот, користете дезинфекциски средства и за вас и за вашиот дом, чистете почесто по дома, чистете ги чевлите кога ќе си дојдете дома, често перете ја облеката што ја носите или проветрувајте ја (вирусот живее 20 минути на површините на облеката), хранете се често и здраво за да го подобрите вашиот имунитет, кој треба да се избори со вакви ситуации (приготвувајте храна со свежи производи, храна која содржи железо, супи од зеленчук, целер, брокула, морков, магдонос, салати од цвекло, морков, консумирајте мед, маџун, прополис, витамин Ц (портокал, лимон), секогаш имајте при рака медицински лекови за намалување на температурата). Не потценувајте ја силата на вирусот, но и не потценувајте ја силата на својот организам (човечкиот ум влијае врз силата на организмот со позитивни мисли).

- Бидете подалеку од контакти со други лица (освен ако е неопходно).
Изолирајте се во своите домови. Тоа и не е така лошо, имајќи предвид дека сте со вашето семејство и заеднички се грижите едни за други. Правете го она што не сте можеле додека сте биле зафатени со работни обврски. Со тоа може да постигнете подобра психолошка благосостојба, и јакнење на имунолошкиот систем. Бидете креативни, особено оние што имаат деца и треба да го организираат и нивното време. Ова е погодно време да бидете поблиски со вашите деца и повеќе да разговарате и да играте со нив.

- Не паничете! Паниката доаѓа од неизвесноста. Неизвесноста го зголемува чувството на анксиозност. Вестите што секојдневно ги слушаме ни носат прашања кои сега не можеме да си ги одговориме: „Како ќе се шири?“ „Што ќе се случи?“ „Дали може да се заразам?“…. Но, ако на паниката ѝ дозволиме да владее со нас, ни ја намалува отпорноста, ни го загрозува здравјето (вертиго-ефект, стрес кој дава силни главоболки, несоница, забрзано чукање на срцето, нервоза, силен страв). Паниката може и да нè доведе до непромислени чекори, како што се: панично купување по маркетите (а со тоа ја зголемуваме можноста да се заразиме), трчање по доктори и болници, обвинување на сите околу нас, панично грижење за хигиената, неконтролирани испади. 

Стабилизирајте го вашиот ум и свртете го кон позитивни мисли за животот. И во многу поголем ризик ние како луѓе треба да останеме смирени за да можеме трезвено да размислуваме. Читајте книги, не гледајте пречесто вести, исполнете го своето време со убави работи кои ви причинуваат задоволство, слушајте музика.

- Бидете одговорни! Во овие моменти треба да бидеме одговорни и за себе, но и за другите. Да не преземаме брзи и непромислени чекори, особено драстични. Одговорноста се однесува на нашето здравје, самоизолацијата, патувањето надвор од земјава. Ако немаме индивидуална одговорност, не можеме да очекуваме колективна одговорност.


- Споделете ги својата загриженост и своите чувства! Во вакви моменти, иако треба да се изолираме, не треба да ја намалиме комуникацијата со нашите блиски. Секој човек има потреба од разговор и споделување на своите чувства. Разговарајте за своите чувства преку другите можни канали за комуникација.


Во овој случај, како психолог и како Комора на психолози, им нудиме помош на сите лица што сакаат да разговараат за стравот со кој се соочуваат или им е потребна каква било психолошка помош. 

Отворена сум за сите ваши повици и пораки: мобилен телефон: 077/861-661, е-адреса: marija.koneska.s.akademija@gmail.com

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје