X
 18.05.2025 Живот

Каде се наоѓаат највредните компании во светот?

Светските берзи постојано се менуваат, отворајќи можности за нови компании и во развиените земји и во земјите во развој. Од Северна Америка до Блискиот Исток, големите инвестиции во вештачка интелигенција поттикнуваат појава на нови играчи на пазарот. Истовремено, стартап-градови како Шангај и Париз се вистински инкубатори за компании со вредност над милијарда долари благодарение на развиените екосистеми и вложувањата од ризичен капитал.

Графиконот подолу ги прикажува сите милијардерски компании во светот во 2025 година, според анализа на „Бестброкерс“.

Северна Америка е во предност со 2.129 компании вредни над милијарда долари, што претставува 38,6 отсто од глобалниот вкупен број.

Сепак, економиите во Азија доживуваат забрзан раст, зголемени приходи и растечки инвестиции, што доведува до појава на сè повеќе големи компании. Индија е особено впечатлив пример, таа е трета во светот по број на компании вредни милијарди надминувајќи ги Велика Британија, Канада и дури и Кина.

zemji
Фото: Visual Capitalist

Тајван, пак, има едно од највисоките нивоа на пазарна капитализација во однос на БДП благодарение на клучната улога во синџирот на производство на полуспроводници. Со 77 милијардерски компании, Тајван е на 16. место во светот.

Во Блискиот Исток, кој учествува со 5,6 отсто од глобалниот вкупен број, Саудиска Арабија е на врвот со 98 компании, а Обединетите Арапски Емирати со 62. Двете земји имаат забележливо зголемени вложувања во инфраструктура за вештачка интелигенција и напредно производство, додека енергетските и финансиските гиганти доминираат на нивните берзи.

На спротивната страна, Африка има најмал број компании вредни милијарди долари. Јужноафриканската Република е лидер на континентот со 43 компании, додека Египет и Нигерија имаат по една.

Извор: Visual Capitalist
Фото: Visual Capitalist
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот