X
 18.09.2019 Живот

Грета Тунберг до американскиот Конгрес: „Простете, но не се трудите доволно“

Климатската активистка Грета Тунберг и група млади активисти синоќа присуствуваа на состанокот на Работната група при американскиот Сенат, која е формирана за интензивирање на борбата против климатските промени.

Работната група ги пофали напорите на младите активисти, истакнувајќи дека прикажана мудрост ја надминува нивната возраст.

- Ве молам, сочувајте си ги вашите пофалби. Ние не ги сакаме. Немојте тука да нè каните само за да ни кажете колку инспиративни сме ние, кога не правите ништо по тоа прашање - изјави 16-годишната активистка од Шведска, која го иницира движењето „Петоци за иднината“, прифатено во целиот свет.

Сенаторите ги прашаа младите за тоа како американскиот Конгрес треба да се бори против една од најитните и политички спорни закани со која се соочуваат светските лидери - климатските промени.

- Доколку сакате совет за тоа што треба да направите, поканете ги научниците. Прашајте ги научниците за нивна експертиза. Ние не сакаме да бидеме слушнати. Ние сакаме научниците да бидат чуени - рече Тунберг, дополнувајќи дека таа е само ученик – ниту научник ниту сенатор.

Обраќајќи се до Конгресот како целина, Тунберг рече: „Знам дека се обидувате. Но, простете, ама едноставно не се трудите доволно“.

На овие забелешки на активистката приврзаниците ракоплескаа, додека преостанатите се смееја.

Сенаторот Ед Марки од Масачусетс, од редовите на Демократската партија, застапник на Новиот зелен договор и претседател на сенатската Работна група за климата, беше изненаден од говорот на Тунберг, но сепак се насмевна.

- Неопходно ни е вашето водство. Младите луѓе се армија, во политичка смисла, која пристигна во САД. Го свртевте рефлекторот на оваа тема на начин што досега не беше направен и создадовте нов х-фактор - ѝ се обрати сенаторот на Тунберг.

- Ве слушнавме. Слушаме што зборувате и ние ќе ги удвоиме напорите - вети Марки.

Марки потенцираше дека благодарение на младите активисти, прашањето за климата е сè почесто во дебатите пред претседателските избори 2020.

- Што се случи? Вие се случивте - истакна Марки, дополнувајќи дека претседателските избори 2020 година во САД на многу начини ќе претставуваат референдум за климатските промени.

Тунберг пристигна во САД откако го мина Атлантикот на јахта на соларен погон. Таа го сврте вниманието на јавноста откако почна секој петок да протестира пред шведската влада барајќи поголем ангажман во однос на климатските промени. Иницијативата „Петоци за иднината“ се прошири во 135 земји, што ѝ донесе и номинација за Нобеловата награда за мир.

Во понеделникот таа го доби и признанието од организацијата „Амнести интернешнал“, која ја прогласи за овогодишен амбасадор на совеста.

Исто така, таа имаше средба и со поранешниот американски претседател Барак Обама. Тој сподели фотографија со неа, покрај која напиша: „Еден од најголемите бранители на нашата планета и некој што не се плаши да притисне за вистинска акција“.

За денеска е предвидено таа да се обрати пред Претставничкиот дом во американскиот Конгрес.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот