Дали можете да се сетите што сте правеле минатата недела или минатата година? Повеќето луѓе ќе размислат малку и ќе се сетат на најважните настани. Но, ретки се оние што можат да се сетат на сè до најситниот детаљ и повторно да ги доживеат во својот ум.
Токму ова е особеност на луѓето со извонредно паметење на сопствениот живот, познато како автобиографска хипермнезија. Оваа способност е толку ретка што научниците знаат само за стотина случаи во целиот свет.
Случајот со 17-годишната девојка, во чиј ум навлегле научници од Парискиот институт за мозок и Лабораторијата за паметење, мозок и спознание, е особено фасцинантен.
Т. Л., како што е позната во јавноста за да се зачува нејзиниот вистински идентитет, е навистина посебна. Таа станала свесна дека нејзиниот ум функционира нетипично и од страв да не ја сметаат за чудна, тоа му го признала само на семејството кога имала 16 години. Не само што се сеќава на сите настани од нејзиниот живот, туку може и повторно да ги проживее, сеќавајќи се на точни датуми, факти, па дури и на емоциите што ги чувствувала во тој момент.
Лицата со хипермнезија, како Т. Л., можат да патуваат низ времето во својот ум со извонредна леснотија и интензитет.
Истражувањето на овој нетипичен когнитивен начин на функционирање би можело да помогне подобро да се разбере како функционира автобиографското паметење, како и невролошките нарушувања што влијаат врз него, вели Лоран Коен, невролог и раководител на лабораторијата ПИКНИК при Парискиот институт за мозок.
Во научната литература хипермнезијата често се опишува како вознемирувачка способност, бидејќи болните и трауматичните сеќавања неконтролирано се акумулираат. Некои од лицата со хипермнезија се чувствуваат преоптоварени од непотребни информации.
Сепак, 17-годишната Т. Л. изгледа дека има значителна контрола над своите сеќавања и начинот на кој пристапува до нив, што им го привлекло вниманието на научниците.
„Црно“ и „бело сеќавање“
Т. Л. разликува два типа сеќавања. „Црното“ сеќавање нема емоционално значење и се однесува на фактички информации и енциклопедиско знаење, главно стекнато на училиште. „Белото“ сеќавање, пак, кое се однесува на нејзиниот живот, е организирано како своевиден дворец на сеќавања, кој таа може да го визуализира според потреба. Тие се организирани по теми и хронолошки редослед во простор што таа го нарекува „белата соба“. Т. Л. ги прегледува за да најде епизоди од семејниот живот, пријатели или предмети од детството. Некои сеќавања се зачувани дури како текстуални пораки или фотографии.
Сеќавањата поврзани со негативни емоции се изолирани во „сандачиња“ во белата соба. Во „студената соба“ ја смирува својата лутина, додека во „собата со проблеми“ размислува за тешкотиите со кои се соочува.
За да ја проверат веродостојноста на нејзиното сеќавање, научниците Валентина Ла Корте и Лоран Коен користеле специјализирани тестови и откриле дека Т. Л. ги проживува моментите од својот живот со извонреден интензитет и деталност, и може да ги преиспита од различни гледишта. Таа дури може да замислува и идни настани со повеќе детали и информации отколку просечен човек.
Се чини дека автобиографската хипермнезија е поврзана и со синестезија, невролошко состојба каде што обработката на едно сетило вклучува најмалку две сетила. На пример, луѓето што имаат синестезија можат да слушаат бои, да гледаат звуци или да вкусуваат музика. Иако Т. Л. не е синестет, неколку членови на нејзиното семејство се. Истражувањето на оваа поврзаност ветува возбудливи резултати, вели Коен.
Извор:
Zimo.dnevnik.hr
Фото: Freepik