X
 18.10.2019 Живот

На Антарктикот е пронајден радиоактивен хлор

Научниците открија дека глечерите и ледените покривки на Антарктикот сè уште испуштаат радиоактивен хлор. Оваа хемикалија се користела во 50-тите и 60-тите години за поморски тестирања за нуклеарно оружје.

Оваа нова информација покажува дека некои делови од регионот зачувуваат и испуштаат радиоактивен елемент на начини различни од оние за кои претходно се веруваше дека се случуваат.

Научниците денес користат радиоактивни изотопи хлор-36 и берилиум-10 кога утврдуваат колку е стар мразот од ледените јадра. Овие јадра се вадат со дупчење во ледените гребени.

Хлорот-36 е природен радиоактивен изотоп, што значи дека има различна атомска маса од обичниот хлор. Некогаш може да се создаде при нуклеарни експлозии.

Во 50-тите и 60-тите години САД извршија тестирања на нуклеарно оружје во Тихиот Океан и тие тестирања предизвикаа високи концентрации на изотопи како хлор-36. Како што овие радиоактивни изотопи се претворале во гас и оделе во стратосферата, некои завршиле во мразот на Антарктикот и останале таму.

Новото истражување открива дека регионот Восток сè уште испушта радиоактивен хлор во атмосферата.

Фото: Interesting Engineering

Зошто е корисно ова истражување?

Преку проучување на однесувањето на хлорот на Антарктикот научниците можат да ја подобрат технологијата за утврдување на староста на мразот, а тоа им помага на истражувачите да имаат подобри сфаќања за тоа како еволуирала климата на Земјата со текот на децениите.

Коавторката на студијата, геонаучникот Мелани Барони, и нејзиниот тим ги испитале емисиите на хлор во различни делови од Антарктикот. Тимот зел примероци снег од Восток, руската истражувачка станица во источниот дел од Антарктикот, и ги споредил со примероци од Талос Дом, локација оддалечена околу 1.400 километри. Двата примерока потоа биле тестирани за концентрацијата на хлор-36.

Тимот открил дека хлорот во мразот од Талос Дом опаднал со текот на времето, додека примероците од Восток покажале многу високи нивоа на хлор-36, достигнувајќи и 10 пати поголема концентрација од очекуваната природна.

Оваа информација покажува дека снегот во Восток сè уште испушта радиоактивен хлор од тестирањата на нуклеарните бомби од минатиот век. За среќа, оваа радиоактивност не е доволно висока за да ѝ наштети на околината.

Научниците моментално планираат да дупчат 1,5 милион години старо ледено јадро за понатамошни истражувања.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот